Советот на министри на Европската унија ги демаскираше едногодишните лаги на Владата на СДСМ-ДУИ со одбивање по втор пат по ред во владеењето на Заев, да одлучи во корист на отворање на преговори за членство на Северна Македонија во ЕУ, соопшти Алијансата за Албанците.
– Немањето одлука од земјите членки на ЕУ, несомнено е очајничка вест за граѓаните на Северна Македонија кои скапо ги плаќаат последователните неуспеси на оваа власт. Но, ваквиот тек беше очекуван и најавен постојано од страна на Алијансата за Албанците, уште од почетокот на пропагандната кампања на владата СДСМ-ДУИ во јуни минатата година, дека државата добила датум за почеток на преговорите.
Причините за одбивање, на граѓаните им се повеќе од јасни. Тие се однесуваат на тоталниот неуспех на владата СДСМ-ДУИ во спроведувањето суштински реформи за враќање на владеењето на правото, борбата против корупцијата и департизација на јавната администрација, стои во соопштението.
Овие потфрлувања се потврдени во последниот извештај на ЕК за напредокот на земјата, во кој се наведува дека нивото на корупција останува загрижувачко, а судството и јавната администрација продолжуваат да бидат заробени од политиката.
– Многу добро се знаеше дека земјите членки нема да се согласат да и ги отворат вратите на ЕУ на една држава која не покажува политичка волја за спроведување на основните европски принципи на владеењето на правото, велат од Алијансата и додаваат дека повеќе од било кога, решение се избори. Само нови избори можат да донесат вистинска реформистичка влада ослободена од хипотеките на режимот ВМРО-ДУИ, која ќе добие датум за преговори за членство на земјата во ЕУ.