Обвинетите на денешното рочиште кажаа дека го разбираат обвинението што го презентира обвнителката Фатиме Фетаи, но оти не се чувствуваат виновни.
Според СЈО, двајцата обвинети со своите дејствија влијаеле директно врз изборниот резултат.
– Тие имале криминален нагон да ја фалсификуваат изборната волја на граѓаните на Чаир со цел да остварат политичка моќ, истакна обвинителката Фетаи. Двајцата, според неа, извршиле брутално насилство врз изборните бројки,согласно сопствените политички потреби. Незадоволни од вистинскиот изборен резултат тие формирале група за дејствување, односно имале цел генерираат поволен изборен резултат. Со закана успеале да го скршат отпорот на сведоците и ги приклучиле кон себе. Групата ја обезбедиле според позната изрека за стапот и морковот, односно ги уцениле со зборовите „доколку не го сториш ова нема да поминеш добро. Имаме договор со ВМРО, ништо нема да ви се случи“ – посочи обвинителката Фетаи.
Адвокатите на Алими и Гури пред судот кажаа дека со повеќе докази во текот на постапката ќе докажат дека нивните клиенти не се невин, како и дека во спорниот момент на обвинението немале никаква функција со што би влијаеле да се стори кривичното дело за кое ги обвинува СЈО.
Претходно денеска дојде до промени во судечкиот совет, па на местото на судијата Гордана Спировска, која заради здравствени проблеми на сопругот пред неколку дена итно го напушти судењето, сега е кооптирана судијката Љубинка Башевска. Предметот „Титаник 3“ и натаму ќе го води судијката Оља Ристова.
Судот, исто така, пред стартот на воведните зборови, го одби барањето на адвокатот Еленко Миланов за изземање на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, што беше побарано на рочиштето од пред три дена.