Алек шашардисаниот

Треба, значи, да објаснам: како може некој „да чувствува вина“, а да не е „виновник“, како Стива Облонски? Кога ќе го објаснам тоа, ќе излезе на видело и внатрешниот лик на нашиот Алек Шашардисаниот. Ама треба, пред тоа, да се задржам на една силна тензија, како што велат учените филозофи. Во тензија се. ВМРО и ДМНЕ. А зошто? Затоа што и таа тензија го обликува, на свој начин, внатрешниот, скриен лик на нашиот Алек Шашардисаниот

1884

Ич не знам што ми стана, верувајте. Почнав да го следам и проследувам, во неговите јавни настапи, оној Алек Шашардисаниот кој се роди во дебата со Рада Фуриозо, а се роди толку природно што поприродно ни не може да биде. Рада наша Фуриозо, „сета во бело“, му беше бабица. Oти, ни комунизмот, без бабица, не можел да дојде на свет, чиј родител бил капитализамот. (Маркс). А камо ли некој Алек од асли маж на ВМРО-ДПМНЕ кој не бил ни труден (кај се видело маж „во положение?“). Згора на тоа и без – бабица!

Можеби почнав да го следам и проследувам тој господин Шашардисан затоа што ми се виде нешто како брат на Стива Облонски. Еден Стива на Толстој, од неговата „Ана Каренина.“ Веќе ве слушам како прашувате и тоа со право: под прво, зошто вие, пријател, се повикувате толку често на литературата кога никој кај нас не го прави тоа?; кога не се повикува на таа ваша литература ни нашата колумнистичка елита; освен Фрчко кој еднаш се повика на Оскар Вајлд и на неговиот „Доријан Греј“? и, под второ, зошто вие се повикувате токму на тој Стива Облонски како епизоден лик, а не на главните како Левин или Вронски, на пример? Одговорам веднаш.

Јас често се повикувам на уметничката литература кога се плеткам во политиката затоа што има точка на која се сечат. Таа точка ни од далеку не е некоја споредна точка. Дури, таа е најважна. А најважна затоа што врз таа точка се крепи како духот на литературата, така и оној на политиката. Се знае, нели, дека полтиката е вештина на можното? Ама се знае, уште од времето на Аристотел, дека литературата не зборува за тоа што „е“ (реално), туку за тоа што „може да биде“. Или, како што вели Кундера: „јас зборувам“, вели, „не за реален човек и свет, туку за потенцијален.“ Сакам да кажам со тоа дека ти не можеш да бидеш некој добар колумнист ако абер си немаш од литература (уметничка, не стручна!). Не можеш да бидеш ни некој писател од формат ако не разбираш политика. Вы поняли? Vous avez compris? You understood?

Потоа, споредувам лик од политиката со лик од уметничката литература како, на пример, со Стива Облонски, од многу важни причини. Ќе наведам тука неколку. 1) оној што е нешто упатен во литературата, добро знае дека ликовите од литературата се живи и оживуваат не само во вашите очи, туку слегуваат и во светот околу вас; 2) луѓе од светот околу вас ќе сретнете во книги ако ги читате „со размислување“, како што се вели; 3) литературата се спушта во душата на човек како психонализата (Фројд, Адлер, Лакан), како филозофијата (Хегел, Шопенхаур, Ниче); 4) таа има дури предност по однос на псхоанализата и филзофијата, или на науката воопшто; 5) предноста е во тоа што науката им се обраќа на специјалисти, литературата на сите; 6) таа помага да станете барем малку подобар одшто сте, итн. итн.

Пак ве слушам како гласно размислувате, иако во себеси: е-е-е…еј, кај ја- отеравте вие, пријател! Кога некој би зел да се плетка со вашта „Ана Каренина“ на Толстој, па со „Браќа Карамазови“ на Достоевски, па со „Седумте столбови на мудроста“ на Лоренс, па со „Вплшебниот брег“ на Томас Ман, па со „Миракули на грозомората“ на Славко Јаневски, оној што го лустрираше Грујо иако покоен итн. итн., некои од по 1000 стр. па нагоре, кога тој би нашол време 1) да мисли на економија, правна држава и евро-интеграции како Заев?; 2) на некој Мерцедес од 600 000 и кусур евра, на плацеви на Водно и на кинески провизии како Грујо?; 3) на израелски „донации“ и други бизниси како Сашо УБК?, г) на станови по Скопје како Стевче Гревче и оној Сокол од Ѓорче Петров?, итн. итн.

Затоа што ве слушам, ќе ви одговорам и на тоа. Ќе ви одговорам затоа што не сакам да мислите дека немам добри „факти и аргументи“ за вас. Или пак дека „извртувам тези“ како што и рече на Рада нашиот Алек Шашардисаниот со половина, мртва уста. Толку мртва, што морав трипати да изгледам едно клипче за да чујам што и вели на Рада наша Фуриозо. Таа го пердашеше од сите свои дебатни „орадија.“ Таа не обрна ни најмало внимание на она „извртувате тези.“ Не затоа што презира дебатен антагонист. Туку затоа што не можеше да го чуе. А не можеше, затоа што тешко се слуша глас од мртва уста. Особена тогаш, кога татни некоја тешка дебатна артилерија.

Туку, да поминам на својот одговор, конкретно. Во право сте, пријател, кога велите дека никој од оние веќе спомнати, па ни нашите врвни колумнисти, нема време да чита книжишта од над 1000 страници и, згора на тоа, да ги чита задлабочено, „со размислување.“ Немаат ни нашите парламентарци кои, освен што треба да ги читаат законите што ги пишува владата на Заев, треба да мислат и на своите евренца за патни и дневни. А за кои се разџавкала завидливата јавност како да и ги земаш од џеб. Сето тоа е точно. Дури и повеќе од тоа. Ама, јас тука ќе ве потсетам на друго. Ќе ве потсетам на простиот свет кој живее во сиромаштија, или е на раб од сиромаштијата, на светот од нашата „мижерија“, како што пее Оливер Драгоевиќ..
Можеш да го сретнеш тој свет по цркви и манастири. Можеш да го видиш како слуша побожно проповед на дебел поп што вози Мерцедес или џип од некои 150 000 евра. А го слуша затоа што бара утеха во таа проповед. Тоа е неговата „Ана Каренина.“ Тоа е неговата духовна храна. Како оној „хлеб наш настојаштего дна.“ Оти, треба леб за тело, телесен. Треба и за душата, душевен. Не може да биде цел човек некој со „негувано и полно тело“ како Стива Облонскиј, а да има запуштена, гладна душа. А има запуштена и гладна душа затоа што признава „вина“, но не и дека бил „виновник.“ Значи, грешел! Тој сторил грев. Ама ете – не бил грешник! Тоа е нешто друго од Грујо и тајфата кои ниту „чусвствуваат вина“, а ниту пак сметаат дека се „виновници.“ Така сега кажуваат на суд.

Треба, значи, да објаснам: како може некој „да чувствува вина“, а да не е „виновник“, како Стива Облонски? Кога ќе го објаснам тоа, ќе излезе на видело и внатрешниот лик на нашиот Алек Шашардисаниот. Ама треба, пред тоа, да се задржам на една силна тензија, како што велат учените филозофи. Во тензија се. ВМРО и ДМНЕ. А зошто? Затоа што и таа тензија го обликува, на свој начин, внатрешниот, скриен лик на нашиот Алек Шашардисаниот.

,

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...