Емилија Александрова од ВМРО-ДПМНЕ по завршување на денешната средба на собраниското тело за помирување на која присуствуваше и премиерот Зоран Заев рече дека има простор во работата на ова тело да се вклучат и други пратеници, а не само неговите членови.
Претседателката на собраниското тело Фросина Ременски, додаде дека имаат мандат и механизми освен пратеници да вклучуваат и други правни експерти, МАНУ, цивилно општество и медиуми кои може да дадат придонес во процесот.
Во рамки на собраниското тело претходно беа формирани три групи – за помирување, за реформи и за интеграција.
– Групите не се од затворен тип, во сите групи, било за интеграција, реформи или помирување може да земат учество сите пратеници од Собранието и да се вклучат во овие многу важни процеси за нашата држава. До вторник овие три подгрупи треба да се состанат за да ги разгледаат своите области на делување, а потоа да излезат со конкретни предлози и решенија, секој во своите домени. Конечно да дадеме некоја динамика на процесот, бидејќи знаеме дека тоа е многу важно. Овие три процеси се поврзани интеграцијата, реформите и помирувањето и знаеме дека еден без друг нема да го дадат конечното решение да застанеме на вистински пат и нашата држава да се движи напред – рече Александрова.