Александар Николовски е во право за Заеви

6591

Во последниот број на неделникот Фокус, во текстот „Заеви и нивните партнери поседуваат 30 компании во Струмица!“, колегата Влатко Стојановски направил одличен, детален каталог на „бизнис империјата на Заеви“. Од таа бизнис-форензика, некаде на половина од текстот почнувате да добивате први знаци на главоболки, а додека се пробиете до крајот од анализата ви станува јасно дека во последните десетина години големото семејство Заеви и нивните роднини и пријатели, вредно работејќи, воспоставиле моќна мрежа од хоризонтално и вертикално испреплетени компании низ чии дејности во три-четири области (најмногу во градежништвото) се инвестираат и се оплодуваат десетици и десетици милиони евра годишно.

„Компаниите – заклучува колегата Стојановски – можеби имаат минимален допир со државата преку тендери и концесии“, но имаат секојдневни релации со државните и локалните органи на власт, бидејќи се упатени на добивање безброј лиценци, концесии, дозволи, согласности, одобренија… А предлагаат и нови или редефинирани законски и подзаконски решенија, битни за областите во кои се одвива деловната активност на Заеви.

Своевремено, заради одредени медиумски анализи, со една група колеги правевме слични сопственички шеми на испреплетените бизнис империи на Ѕинго (далеку поголема од онаа на Заеви) и Стојменови (тука некаде, разгранета колку и на Заеви); тогаш државата му ја „сплете“ и деловната „пајажина“ на Рамковски, а опсежните шеми на компликуваните деловни зафати и поврзаности на дел од фирмите на Мијалкови и Камчеви се тековна правосудна теленовела во која, како во постарите порно филмови, единствено не се знае дали на крајот партнерите ќе се земат.

Може ли Македонија да издржи, без сериозни последици, вака женерозни преплети на пари и влијанија, а да остане политички „невина“?

Не може. Не е прашање дали Заеви ќе ја злоупотребат моќта – порано или подоцна, сигурно – туку дали ќе ги фатиме на време пред сите да влеземе во потребата од мачна и скапа правно-политичка бракоразводна парница? Уште не сме го доваросале ни Собранието како што треба, по последниот турбулентен развод со претходните бизнис-политичари. За да се поштедиме од тој непотребен трошок, од најголема важност е функционирањето на независните контролни државни институции и будноста на најголемата невладина организација во државата, македонската јавност. Добро, не е Заев Берлускони, ама не ми личи ни на Блумберг.

Затоа, кога потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски оценува дека Заеви стануваат „главен бизнис фактор играч во државава“, сосема е погрешно за тоа Вице Заев да го тужи за клевета, па уште и да го добие на суд! Напротив, заради таквите критики, па нека им е намерата и клеветничка, Заеви треба да предложат како уште потранспарентно да ги водат своите деловни мрежи, а одредени бизниси или да ги „замрзнат“ или од нив сосема да се откажат, доколку таму деловното „триење“ со државата е преголемо. На пример, што им треба вложување во бизнисот со одгледување марихуана, дејност која би требала да е високорегулирана и предмет на арбитрарни државни контроли? Во успехот на таа дејност однесувањето на власта е покритично отколку во производството на ајвар или тули.

Ова е поширокиот контекст во кој сега, „потесно“, уредно ќе се испокараме кој треба да победи на претседателските избори. Но, додека таа кавга „на живот и смрт“ тече, за деловниот интерес на Заеви тоа ќе биде бизнис ес јужуал, бидејќи таксиметарот што пресметува инвестиции и профити ќе си врти. Има во животот и поважни работи од високата политика…

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...