Често имам потреба да напишам дека очекувам моите текстови да се прочитаат докрај и да не се бараат скриени содржини и пораки, „меѓу редови“ како што велевме во добата на социјализмот. Јас никогаш не пишувам „меѓу редови“, не сум се плашел никогаш да го кажам тоа што знам и тоа што во што верувам, стојам зад секој свој збор. Па, еве, да напишам нешто што се подразбира: очекувам и овој напис да биде прочитан докрај, како и сите други претходно. Намената му е да објасни и поттикне. Лагата и пасивноста се наши заеднички противници, во што и да веруваме, што и да мислиме. Значи, читајте го тоа што е напишано, нема „скриени трошоци“. Па, да почнеме…
Најлесно е да се чека некој друг да ја заврши работата. А кога работите не се одвиваат како што „премудриот“ сеирџија си замислил, тој што нешто се обидува да сработи, ќе биде главниот виновник за неуспесите. Значи, не самиот причинител, туку тој што се обидува да го реши проблемот.
Во овој тежок и деликатен период, на ова општество му требаат, а ги нема (доволно), многу мудрост, храброст и отвореност. По долги години „грижливо негување“ медиумска и општа неписменост и вредности карактеристични за неразвиени и фрагментирани општества, склони кон диктатури, остануваат најраспространети инертноста, наивноста и мрзеливоста. И глупоста, во огромни количини.
Во вакви (никакви) општества, кафеанските теории на заговорот се секогаш поприфатливи отколку вистината, а јавноста е лесен плен на продуцентите на дезинформации и лажни вести. Кога царуваат неписменоста и неволноста да се согледа реалноста (која никогаш не е црно бела), наједноставно е да се прифати дека „сите се исти“ (а не се) и дека „ништо не може да се промени“ (а може)… Или, оние „подосетливите“ ќе кажат „Балкан е ова, брат“ (што ништо не кажува) и ќе ја кренат чашата за „живели“ (а после дома немаат да платат за струја). Ете го просторот за манипулации, дезинформации, лажни вести, говор на омраза, скриена пропаганда, глупост, насилство…
Потоа, во тој заглушувачки шум, се придружуваат и оние што се разочарани и умртвени, откако нивната идеја за тоа што е демократија паднала во вода. Тие се можеби писмени, но не успеваат (или не сакаат) да ги согледаат вистинските пропорции на разорувањето на системот што, всушност, никогаш и не бил развиван за да стане демократски. Напротив, системот беше крајно корумпиран уште пред криминалниот режим да го дотепа и да ја присвои и приватизира државата.
Се разбира, не е исклучено ни тоа, разочарувањето да е последица од неисполнети очекувања за лично напредување. И, секако, тешки се последиците од замор и огорченост поради тоа што револуцијата нудеше сон, а бруталната реалност на валканата политика донесе нешто сосема различно… Неписмени, вулгарни и тапоглави деликвенти и морален олош зборуваат за правда, а имаат нешто сосема поинакво на ум, а моралните џуџиња, нивни намалени реплики, ги мултиплицираат нивните провидни прикаски и шират омраза и насилство, повикувајќи се на слобода на изразување. И тоа го купува публиката! Онака, седнати на трибините, со семките меѓу забите, зјапаат и навиваат.
И, повторно летаргија, мрзоволност, негативна енергија, стрес и траума. Ваква земја може само да продолжи да ги брка младите од себе, да станува сѐ понесигурна и далеку од пожелна за живеење, да ја уништи волјата да се инвестира во материјални и духовни добра, колку и да звучи ова излитено како стар весник.
Сите заедно, не можат (или не сакаат) да разберат дека состојбите на летаргија, разочарување (со или без основа), незаинтересираност и (демонстративна) отсутност, ги прават лесни жртви на пропагандата и на хибридната војна што е во тек и има светски размери. Токму така, не можат да разберат дека секој од нив е важна и супер добредојдена единица во алгоритамот на моќта.