Албанскиот претседател Мета веслаше кајче кај Македонците во Пустец

По прошетката со чамец по Преспанско езеро, ја посетија црквата на островот Мали Град, како и црквата „Свети Архангел Михаил“ во центарот на Пустец.

919

Албанскиот претседател Илир Мета денеска престојуваше во Пустец, Мала Преспа, или како што секогаш знае да каже, „меѓу прекрасната македонска заедница“.

Повод за престојот е официјачниот почеток на туристичката сезона во општина Пустец, каде, покрај брегот на Преспанското Езеро, има девет села населени со етнички Македонци. Таму Мета се возеше и со кајче.

„Заедно со локалните власти ја отвориме туристичката сезона во општина Пустец. Ги повикувам домашните и странските туристи да дојдат и да се запознаат со природните убавини во оваа област, посебно Преспанско Езеро, извонредната гостопримливост и традционалните јадења. Воодушевува црквата „Света Богородица“ на островот Мал Град. И посакувам успешна туристичка сезона на општина Пустец, каде одлучив дел од летниот одмор да го минам и јас“, напиша Мета.

Домаќини на шефот на албанската држава беа претседателот на македонското друштво „Сонце“ Васил Стерјовски, потпретседателот на македонската партија МАЕИ, отец Алексо Темелко и претставници на локалната власт.

По прошетката со чамец по Преспанско езеро, ја посетија црквата на островот Мали Град, како и црквата „Свети Архангел Михаил“ во центарот на Пустец.

Мета мина пријатни мигови и во разговор со најмладите Малопреспанци.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...