Албанскиот претседател ги повика Албанците во Македонија да учествуваат на референдумот

Посакувам први октомври да отвори нова перспектива во евроатланската интеграција на Македонија, рече Мета на средбата со министерот за култура на Македонија Асаф Адеми.

69
ФОТО: EPA / MALTON DIBRA

Албанскиот претседател Илир Мета на денешната средба во Тирана, со министерот за култура на Македонија Асаф Адеми, честитајќи ја 27-годишнината од независноста на Македонија, посака успешен референдум на 30 септември.

– Посакувам први октомври да отвори нова перспектива во европската и евроатланската интеграција на Македонија, за подобра иднина на сите граѓани во земјата – изјави Мета.

Тој го поздрави напредокот што го прави Македонија, посебно во однос на „клучните прашања кои бараат храброст и голема политичка и државничка одлучност“ и искажа  уверување дека со продолжување на ваквиот пристап ќе се отворат нови перспективи како за понатамошен напредок на Македонија така и за односите во регионот.

– Високо го ценам и усвојувањето на Законот за употреба на албански јазик од страна на македонското Собрание и се надевам дека ќе биде целосно имплементиран колку што е можно побрзо на сите нивоа, како директен израз на посветеноста на целосното спроведување на Охридски договор – посочи Мета.

Во тој контекст, тој истакна дека албанскиот фактор во Македонија има можност повторно да го потврди непоколебливиот интеграциски пристап ангажирајќи се со сета енергија за успех на референдумот од 30 септември.

Шефот на албанската држава и претходно во интервју за албанскиот весник на англиски јазик „Албаниан дејли њуз“ изјави дека успехот на референдумот е победа на европските и евроатланските интегративни сили и дух, наспроти „архаичните, антиевропски и анти-НАТО тенденции не само во Македонија туку и низ целиот наш регион“.

– Затоа верувам и истовремено ги повикувам сите Албанци во Македонија да учествуваат на референдумот на 30 септември и да гласаат за договорот,за отворање на ново поглавје не само во корист на интеграцијата на Македонија, туку и нивната иднина во оваа земја – оцени  Илир Мета во интервјуто.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...