Албанска лидерска битка во „шестката“, Гаши осамен во „двојката“

Освен Ахмети како фиксен носител на листата за „шестката“, неофицијално, веќе се споменуваат имињата на претседателот на Собранието, Талат Џафери, за носител на Петтата ИЕ, потпретседателот на ДУИ, Изет Меџити за носител на „кецот“ и директорот на Ургентен центар Илир Хасани за носител на Втората ИЕ.

2036

Во албанскиот политички блок и на претстојните предвремени парламентарни избори ќе нема изненадување, барем кога станува збор за лидерското соочување кое традиционално и на 12 април ќе биде во Шестата изборна единица.

ДУИ, коалицијата помеѓу Алијанса за Албанците и Алтернатива, ДПА и БЕСА иако засега не откриваат детали за кандидатските листи и изборните кампањи, од прва потврдуваат дека лидерската битка ќе биде во „шестката“. Ова значи дека Али Ахмети, Зијадин Села, Мендух Тачи и Билал Касами ќе ги измерат силите во Шестата изборна единица, а само Африм Гаши како лидер ќе трча во „двојката“.

Од ДУИ велат дека ќе излезат со пратенички листи во сите изборни единици (ИЕ). Допрва ќе ја утврдуваат методологијата за избор на кандидатите за пратеници, односно дали ќе се оди со анкети, изборот ќе го прават општинските организации или, пак, селекцијата ќе ја прави Централното претседателство. Без разлика како ќе се одвива изборот на новите кандидати за пратеници, од партијата велат дека крајниот збор кој ќе се најде на пратеничките листи ќе го има лидерот Ахмети.

Освен Ахмети како фиксен носител на листата за „шестката“, неофицијално, веќе се споменуваат имињата на претседателот на Собранието Талат Џафери за носител на Петтата ИЕ, потпретседателот на ДУИ, Изет Меџити за носител на „единицата“ и директорот на Ургентен центар, Илир Хасани, за носител на Втората ИЕ.

Речиси е утврдена и распределбата на носителите на пратеничките листи помеѓу Алијансата и Алтернатива. Села ќе биде носител во Шестата ИЕ, а на Алијансата ќе ѝ припадне првата позиција и во „петката“. Гаши од Алтернатива ќе ја предводи „двојката“. Според Алијансата, нивна ќе биде и Првата изборна единица, додека според Алтернатива, сè уште траат разговорите кој ќе ја предводи „единицата“.

Од Алијансата брифираат дека до крајот на неделава ќе се официјализира коалицијата помеѓу Алијансата и Алтернатива со предизборен договор.

Од БЕСА потврдуваат дека ќе одат сами на избори и дека Касами ќе биде носител во Шестата ИЕ.

ДПА доколку остане на позицијата дека сама ќе настапи на изборите, тогаш очекувано е Мендух Тачи да биде носител на „шестката“. Од таму нема информации дали доколку ДПА предизборно коалицира со СДСМ еден од условите би бил Тачи да е носител на Шестата изборна единица.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...