Албанската опозициска Демократска партија(ПД), побара од Централната изборна комисија „без одлагање да донесе одлука за разрешување на градоначалникот на Вора, Агим Кајмаку“.
По обвинувањата од страна на ПД за Кајмаку, албанското Обвинителство во соработка со грчките власти потврдило дека тој го фалсификувал образецот за декриминализација, прикривајќи дека бил апсен и бил под истрага во Грција за кривично дело употреба на фалсификувани пари, како и за прикривање на лажен идентитет што во Грција го користел за неговите родители.
Во барањето потпишано од генералниот секретар на партијата, Газмент Барди, Демократската партија потсетува дека за ова дело извршено од Агим Кајмаку, законот предвидува итен престанок на неговиот мандат и казна затвор до четири години.
Истото освен до Претседателот на ЦИК, Климент Згури, испратено е и до Амбасадата на САД и делегацијата на ЕУ во Тирана.
Кајмаку беше избран за градоначалник на општината Вора (општина до Тирана) на последните локални избори спроведени на 30 јуни.
Освен за него демократите обвинија за криминално досие уште за двајца градоначалници, оној на Скадар и на Вау те Дејес,за кои Обвинителството почна постапка за утврдување на обвинувањата.
Според опозицијата градоначалникот на Скадар Валдрин Пјетри во Италија бил осудуван за шверц на дрога. По одлуката на Обвинителството да почне постапка Пјетри се откажа од градоначалничката фотелја на која официјално не ни седна. Тој образложи дека сака да ја докаже својата невиност како обичен граѓанин.
За градоначалникот на Вау те Дејес, Марк Бабани опозициските демократи тврдат дека поседуваат веродостојни докази дека во периодот 2002/2003 бил уапсен и осуден во Северна Македонија, додека претходно во периодот 1994-1999 година бил осуден во Италија и протеран и оти користел три различни идентитети.
– Имам 52 години и до сега не сум бил казнуван ниту за сообраќаен прекршок. Доколку некој најде и една запирка ќе му бидам благодарен – изјави Бабани, категорично отфрлајќи ги обвинувањата.
Од Обвинителството потврдуваат дека е во тек е постапката и оти очекуваат одговор од властите во Северна Македонија и во Италија.