Надлежните служби во Република Албанија конечно ги прибрале доказите кои ги бараше македонското обвинителство за случајот со бегството на експремиерот Никола Груевски. Албанските органи минатата недела испратиле известување дека ги обезбедиле потребните докази кои Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција по повеќекратни ургенции ги бараше преку меѓународна правна помош, потврдија од Обвинителството за Плусинфо.
Доказите од Албанија се дел од оние кои надлежните очекуваа да бидат соберени откако пред повеќе од еден месец беа побарани видео материјали и други докази како од оваа држава, така и од Црна Гора. Црногорските органи уште во декември ги информираа македонските дека ги собрале видео снимките од надзорните камери и претставници од Македонија беа да ги подигнат.
– Во текот на наредниот период ќе бидат преземени доказите од Република Албанија. Во меѓувреме се прибираат и други докази, а ќе бидат сослушани и сведоци во насока на расчистување на случајот – велат од Обвинителството.
Како што е веќе познато, помеѓу доказите кои се анализираат се и снимките од безбедносните камери на патиштата во Македонија, наплатните рампи, како и од камерите околу домот на поранешниот премиер.
Она што е сигурно е само дека Груевски територијата на Република Македонија ја нема напуштено на кој било граничен премин односно дека излегол на див премин.
Поранешниот премиер пред околу два месеци наместо во затворот во Шуто Оризари, каде требаше да се јави на извршување на двегодишната затворска казна во случајот „Тенк“, избега во Будимпешта, Унгарија, каде побара и доби политички азил.
ФОТО: EPA/GEORGI LICOVSKI