Битно е што ја усвоивме стратегијата за развој на културата. Веќе формирав неколку работни групи кои ќе работат на акцискиот план на имплементација на стратегијата. Очекуваме за 20-тина дена да излезе новиот концепт за новиот закон за култура. Ова се тие големи прашања на кои работиме.
Ова го истакна министерот за култура Роберт Алаѓозовски, одговарајќи на новинарско прашање по посетата на новиот објект на НУ Турскиот театар, кој е во изградба.
Во врска со проектот „Скопје 2014“ посочи дека претставува вирус, кон кој се однесуваат крајно внимателно и не брзаат со акциите.
– Елаборатите се изработени, предадени. Остранувањето на малите статуетки и илјадниците копии на кичот „Скопје 2014“ кои се наоѓаат по нашите музејски институции и со сувернирниците исто така чекаат за акција. Секако дека таа акција треба да биде добро обмислена. Евалуацијата на Музејот на ВМРО ќе биде изработена до крајот на идната недела и тој елаборат ќе биде доставен до нас и ќе обзнаниме во јавноста. Во однос на останатите проекти се уште не преземаме никакви други активности – рече Алаѓозовски.
Во врска со тоа што ќе биде со останатите поголеми споменици, рече „да не шпекулираме, елаборатите се предадени на надлежните институции, Јавното обвинителство, Специјално јавно обининителство, тие вршат свои истраги, државната ревизија го заврши својот извештај кој е во нацрт фаза“.
Појасни дека за многу од спомениците надлежна е општината Центар во однос на евентуално нивно остранување, преместување или други работи.
– Како Министерство нашата надлежност завршува со тоа што ние елаборатите понатаму ги доставуваме до соодветните државни институции. Сега им оставено на структурите во Министерството, односно и на поранешната министерка да се произнесат по однос на тоа. Ние работите и од аспект на законска и административна процедура ги завршуваме. Во оној момент кога ќе ги завршиме останува да се види понатамошната судбина, односно реализација – додаде Алаѓозовски.