Многу е лесно да се наведат 40, 50 или 100 барања кои им претставуваат проблем на компаниите во нивното секојдневно работење. Некои од нив се од нормативна природа, па решавањето се состои во потребата од појаснување, прецизирање или дополнување на регулативата со која е уредено конкретното прашање, а некои прашања се поврзани со неможноста за нивна имплементација во практиката, поради најразлични причини: краткиот рок за приспособување кон новите правила, потребата за поголеми инвестициски зафати заради примена на некое ново решение и други слични причини.
Затоа, при подготовка на иницијативите и барањата на бизнис-заедницата за измена на одреден пропис или за одложување на нивната примена за одреден период, доколку конкретните проблеми не се детално образложени и не се поткрепени со компаративни анализи и искуства, и доколку недостасува конкретен предлог како истите да бидат решени, не би имале основа да очекуваме нивно решавање од страна на носителите на државната власт. Тоа, ние, како Комора, одамна сме го сфатиле. Затоа, активностите на Комората се насочени кон истражувачки и аналитички проекти, фокусирани на повеќе различни теми кои се од значење за подобрување на деловната клима во државата, но истовремено, и за унапредување на состојбите во различните сектори и дејности во кои функционираат многубројните компании-членки на Комората.
Во таа насока, иницијативите кои произлегуваат од Стопанската комора на Македонија не се паушални констатации или таксативно наведени барања, туку истите се резултат на образложени барања во чија подготовка учествуваат истакнати претставници на компаниите-членки на Комората, експерти во својата област, кои своите интелектуални, аналитички и творечки капацитети ги ставаат во функција на поефикасна работа на компаниите, но и подобро функционирање на јавно-приватниот дијалог, со крајна цел за остварување на подобра деловна клима, што секако е од интерес и за јавниот и за приватниот сектор.
Научно-истражувачките студии и анализи се основата од каде треба да се појде при подготовка на барањата и иницијативите на бизнис-заедницата, градењето на стратегиите и дефинирањето на чекорите за натамошно придвижување напред на економски план. Секако универзитетите, МАНУ, институтите, и како самостојни институции, во рамки на своите надлежности, треба да дадат еден позитивен импулс во градењето на Стратегијата за забрзан и одржлив економски раст, а тоа секако ќе биде од интерес и за државата, и за бизнисот и за граѓаните.
Бизнисот постојано прашува со каков квалитет на податоци и економски параметри располага државата? Кои се основни дејности во македонското стопанство? Колкаво е учеството на приватниот сектор во БДП? Колкаво е учеството на приватниот сектор во вработувањето и каква е неговата улога врз процесот на миграција (забавување/забрзување)? Кои се основните недостатоци кои влијаат врз намалените можности на компаниите за натамошен развој, вклучувајќи ги проблемите поврзани со недостиг на знаење, добар маркетинг, несоодветно управување со ресурсите, немање соодветен кадар за определена дејност и слично? Кои други параметри значајни за работата на приватниот сектор имаат клучно влијание за унапредување на растот и развојот на македонската економија?
Одговор на овие прашања може да се добијат единствено од научно-истражувачки проекти, во соработка со научните инситуции – универзитетите, академиите на науки и уметности, институтите… Бизнисмените знаат што им треба, а научните работници знаат тоа да го испорачаат, но потребно е поврзување на науката со бизнисот, за да се согледаат овие потреби. Тоа го прави Комората и токму тука е моќта на заедништвото и вмрежувањето. Затоа на државата ѝ треба моќен коморски систем и активен јавно-приватен дијалог кој ќе може вистински да одговори на потребите на поврзување на претприемачите на локално, регионално и меѓународно ниво, да ги поврзе стопанствениците со науката, да ги поврзе работодавачите со Владата и синдикатите, да ги поврзе стопанствениците со средните училишта и факултетите…
Научно-истражувачки анализи, вистински јавно-приватен дијалог, а не паушални констатации е вистинскиот пристап во подготовка иницијативите, во креирањето на предлозите за градење стратегии и таков треба да биде на сите сериозни општествени чинители, ако би сакале да имаме резултат каков што посакуваме, па доколку не го постигнеме, ќе знаеме дека ние како институција сме ги исцрпиле сите средства и можности кои ни стоеле на располагање.