Филмската и театарска актерка Милица Стојанова е добитник на наградата „Голема ѕвезда“ на Друштвото на филмските професионалци на Македонија (ДФПМ)
Наградата ќе и биде врачена на отворањето на 39. ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола на 22 септември.
Одлуката на ДФПМ беше соопштена денеска на прес-конференција посветена и на соопштување на програмата на претстојниот фестивал.
Во 60-годишната професионална актерска кариера, 86-годишната Стојанова имала стотици театарски улоги, како и значаен број филмски и телевизиски, а најчесто играла лик на мајка, рече режисерот Игор Иванов-Изи, претседател на ДФПМ.
Досега добитници на наградата „Голема ѕвезда“ се македонските автори Кирил Ценески, Милчо Манчевски, Дарко Марковиќ, како и британскиот продуцент Сајмон Пери кој има значаен придонес во македонскиот филм.