Ако сте мажи дојдете и кажете дека не сакате Македонија да биде во НАТО и во ЕУ!

1134

Готово е. Плукањата завршија. Ако дојдете на седница на Парламентот и ако го дадете својот глас за промени на Уставот, ќе бидете благословени и од сегашнава и од идната генерација Македонци. И Господ ќе ве благослови! А ако не дојдете знајте дека нема да бидете „патриоти“. Таа „титула“, што сами си ја ставивте, народот утре или задутре, ќе ви ја земе, зашто не ја заслужувате. ВМРО такви „патриоти“ не сака. Еден ден ќе ви рече: „Арам да ви е млекото што сте го цицале од македонска мајка и кога се колневте што бакнавте реворвер и кама!“. Така ќе ви рече. Не е важно што „некои“, од вас, пратениците, одамна не сте Македонци туку со бугарските пасоши сте Бугари. А и Бугарите нема да ве сакаат зашто и тие не сакаат дволичновци. Предавници! Не знам дали ќе има некој што ќе ве сака.

Не знам зошто не им верувате на сопствените очи, на сопствениот разум дека местото на Македонија е во НАТО и во ЕУ. Дека Германија, Франција, САД, Англија и други ја викаат Македонија во заедничкото семејство. Зошто? Верно им служите и им верувате на оние што краделе народни пари и што сакаат повторно да се вратат и да бидат повторно херои и повторно да крадат. Пак ли слуги сакате да бидете?! Па Македонија отсекогаш била подбутнувана, потценувана, слугувала и кај Турци и кај Бугари и кај Срби. Зар и понатаму да биде слуга на некого. Колку Македонци ги дадоа своите животи за интересите де на едните, де на другите, де на третите!

Ни нудат и име и идентитет и мајчин јазик. Не сакате. Дали некогаш некој ве прашал кога бевме Народна Република Македонија, па Социјалистичка Република Македонија, па Република Македонија, па ФИРОМ. Ајде кажете? Дали некој ве прашал? Дали некој побара од Вас да се изјасните дали го сакате тоа име или не?

Ако имате разум, ако ја сакате Македонија, бидете мажи и дојдете. Кажете „да“ или „не“. Не бидете кукавици. Македонија со вашиот глас или ќе оди напред или ќе остане сама и ќе живее, како и досега, осамена и сиромашна. Судбината на Македонија е во ваши раце!

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...