Во текот на денов ќе бидат одржани повеќе билатерални средби со претставниците на пратеничките групи на кои ќе се разгледуваат нивните амандмани за Законот за Јавното обвинителство. Целта е обезбедување консензус и двотретинско мнозинство, а доколку се обезбеди, законот ќе биде испратен во процедура на утрешната седница на владата, информираа за МИА од Министерството за правда.
Засега нема потврда дали денеска е можна и средба на работните групи на власта и опозицијата во поширок состав, во обид да се усогласи верзија на предлог-закон, која подоцна ќе се поднесе во Собранието.
По последната средба на работната група во петокот, некои пратенички групи викендов доставиле амандмани за законот за јавно обвинителство, а некои замолиле за дополнително време за да ги формулираат заради обврските што ги имаа со Жан Моне дијалогот. Заради доверба на процесот, од Министерството за правда рекоа дека нема да откриваат кои пратенички групи доставиле амандмани.