Ако се суди според нервозата што ја зафати медиумската и партиската национална душебрижничка сцена во земјава во последните три-четири дена, изгледа дека навистина се приближуваме кон некакво, макар и одложено, фазно решение во спорот за името со Грците. Изгледа дека „Станлио и Олио“ (Димитров и Коѕијас), после дузина напорни и напнати преговори за тоа дали сијаличката е угасена кога вратата од фрижидерот е затворена, сложиле некои варијанти кои ќе треба нивните шефови, „браќата Далтон“ Заев и Ципрас, уште малку да ги „сечат“, „лепат“ и „монтираат“, пред да бидат подготвени за поширока национална презентација.
Во Македонија, на ваквиот развој на настаните како најизненадени се најдоа овие од новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ. Тие од доаѓањето на Заев на власт, по прашањето на преговорите, се однесуваат како свекрва кон снаа која постојано, со презир и зајадливост вели „џабе ја мешаш чорбата, од тоа манџа не бидува“; за откако за викендов сфатија дека повторно, како и во изминатите стотина години, ризикуваат да се најдат на маргините, а можеби и преку пат, на уште една историска одлука што ќе ја одреди долгорочната иднина на Македонија, наврапито, газ преку глава, бараат итно да се сопре вртењето на Земјата за и тие, макар со трчање и во последниот вагон, да можат да се качат на возот кој води кон посветла, евро-атлантска Македонија!
Има едни други, пак, кои Заев го третираат како храбра и итра провинциска будалетинка кому, успорено, мора да му се диктираат и интерпретираат македонските национални интереси, оти се плашат дека тој, не од предавнички мотиви, туку од наивност и недокваканост ќе ја „продаде“ македонската кауза, за чии долгогодишни чувари и врвни толкувачи се сметаат тие, самите. Да не биде, после, дека ОНИ, кои комуницираат директно со идната историја, на време не предупредиле дека Господ ја создал Земјата за целото човештво, Антарктикот за пингвините, а Македонија за Македонците, и дека нема тука Заев што Устав да менува! Молам!
Нивниот директен опозит вели дека сега е вистинско, богомдано време да се ослободиме од проклетството што го следи зборот и поимот Македонија (од што полошо звучи само Палестина!), за неоптоварени од таа библиска будалаштина да тргнеме во новото време на многузначни идентитети каде резистентноста на антибиотици, а не националната патетика, ќе решава за тоа кој ќе преживее, а кој ќе остане Македонец. Впрочем – велат овие – Македонецот ви е како домат кој не знае дали е зеленчук или овошје, па што е важно дали е од Горна или Северна Македонија и што му пишува во земјоделската декларација?!
А има и едни четврти-петти, отприлика нешто над милион и половина во државава, на кои целата оваа долга „турска серија“ со преговорите за името им е веќе одамна здодеана, па им е сеедно каде ќе се наоѓа и која ќе биде придавката, а и тегавењата за облигатио ерга омнес веќе им се преку јус когенс, бидејќи ги доживуваат максимус контра омнес! (Без грижа, и да не разбирате што велат овие легалистички фрази, ништо битно не сте пропуштиле, бидејќи добро звучат, а ништо важно не значат.)
Вака, отприлика, може да се опише драмата на моментов во преговорите со името, бидејќи сите се преплашени дека, ако се најде решение за тоа, ќе престане смислата на нивното постоење. Со што ли ќе се занимава Македонија ако го реши проблемот на својот опстанок?
Извор: Цивил медиа