Пријателот, со кој сме секој ден, ми вели дека не можел да се начуди како сега, кога дошла на влас оваа Влада, сите штрајкуваат. Сите бараат некаква правда. Повисоки плати, бараат работа, ама да е во канцеларија. ВМРО-ДПМНЕ и уште некои ситни партии, нема ден да не излезат на митинзи. Наеднаш сите се незадоволни. За време на предходната Влада ги немаше никаде. Дали тогаш во Македонија течеше „мед и млеко“, па народот од „арнина“ беше мирен или помрачина ги јадеше сите оние што креваа глава или пак „пендракот“ играше? . Нели е чудно?. Ми вели пријателот“.
Незнам што да му кажам на пријателот но, навистина е чудно. Тој со револт продолжи.
„Еве овие од ВМРО-ДПМНЕ абе еден збор арен не кажаа за работата на оваа Влада. Насилно влегоа во законодавниот дом и со сето она што го направија „мезе“ не направија во светот. Сега велат не биле криви зашто Државата ја бранеле. Од кого? Плукаа за преговорите за името со Грција, а кога беше потпишан Преспанскиот договор и кога требаше да се изгласаат амандмани за промена на Уставот , со дрва и со камења маваа. А знаеа дека подобар договор, што ни го подготвија големите од Европа и Америка, никогаш не сме имале и нема да имаме и дека тој е виза Македонија да влезе во НАТО и ЕУ. Знаеа, а беа против него. Изговор им беше името.
Со новото име Република Северна Македонија ќе сме го изгубиле и името и идентитетот и јазикот. Така му велеа на народот. Повеќе денови се пред Собранието, Владата, а лидерот Мицкоски змии од устата му излегуваат. Против уставните промени биле. И тоа ќе излезе „мижи Асан да ти бајам“.Така го лажеа народецов.
Кога не успеаа почнаа да „буричкаат“ во сите пори . Сите криминали што ги направија во изминатите единаесет години им ги препишат на новите. Заборавија дека Македонецот иако молчи и трпи, не е будал. Мудар народ е Македонецот. Знае тој кој што направил. Секои според стореното и казна ќе си добие.
Опозицијата и на ова не сопреа. Ги ангажираа своите партиски војници, кои години „клатеа врата, а земаа плата“, во здравството, образованието, Министерствата и каде ли уште не да прават опструкции и да прават се работите да не одат. И пак паднаа. За стечајците збор не кажаа зашто „новите“ трајно го решија проблемот кои со години беше рак рана за повеќе илјади некогашни работници кои по ничија вина останаа и без работа и без пари. Тој проблем го прескокнаа, но не заборавија на земјоделците.
Да ти кажам, ми вели пријателот, на Солунска ако се зададе облак и ако загрми земјоделците веднаш бараат оштети за уништени овошни и лозови насади, за житарица, за градинарски култури и за што ли уште не. До каде бре пријателе ќе ја „дотераме“ оваа наша Македонија ако не застанеме. Ако продолжиме за инат, на сопствениот Македонец, да му работиме од зад грб. Не рекле бадијала: „полесно е од надворешен непријател отколку од домашен душман да се браниш“.
А рака на срце и новиве можеа повеќе да направат. Народов да беше многу позадоволен. Да исполнеа барем повеќе од она што го ветија. „Животот за сите“ го нема никаде. Вработувања нема. Младите и понатаму си заминуваат. Нарцизоидни се. Народот им ја даде власта па тие сега мислат дека фотеља до Господа имаат. Не треба да заборават дека народот дава но и зема влас. Туку јас се расприкажав како во Парламент да сум. Ти ништо не кажа. Добро. Ќе го кажам уште ова. Господ арно да ни мисли и нам и на Македонија, рече пријателот со кој продолживме да шетаме по улицата.