Ако не била хакирана, Лазаровска може да лежи и затвор

2097

Освен што може да биде избркана од АРМ поради нарушување на угледот на Армијата, војникот Татјана Лазаровска можно е и кривично да биде гонета за говор на омраза откако од нејзиниот Фејсбук профил осамна повик да му се даде Нобелова награда на напаѓачот од Нов Зеланд, каде беа убиени 50 лица.

Од МВР велат дека по добиена пријава Секторот за компјутерски криминал во соработка со Обвинителството постапува по случајот за лицето Татјана Лазаровска. Според информации од МВР, за Лазаровска се постапува за делото говор на омраза, но се проверуваат и наводите дека нејзиниот Фејсбук профил бил хакиран.

Доколку се утврди дека профилот на Лазаровска не бил хакиран и дека нејзина е пораката таа може биде кривично гонета. Делото за кое најчесто се товарат осомничени во вакви случаи е „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“ за кое е предвидена затворска казна од една до пет години.

Од АРМ вчера за Плусинфо изјавија дека против Лазаровска ќе биде поведена дисциплинска постапка и ќе биде предложена најстрога казна, односно да ѝ прекине ангажманот во Армијата на Република Македонија. Лазаровска пред Комисијата ќе одговара за дисциплински престап, како потешка повреда на воената дисциплина, односно потешка повреда на угледот на службата или угледот на воениот и цивилниот персонал.

Според објаснувањето од АРМ, а повикувајќи се на Законот за служба во АРМ, за Лазаровска ќе се бара престанок на работниот однос, односно престанок на статус на активен воен персонал.

Веќе објавивме и дека по бурните реакции во јавноста и најавата на Генералшатбот дека ќе преземе санкции, профилот на Лазаровска го снема од Фејсбук.

Таа, пак, во своја одбрана изјави дека некој ѝ го хакирал Фејсбук профилот или направил паралелен на нејзиниот. Лазаровска вели дека таа не е автор на таквата порака и дека случајот веќе го пријавила во СВР Битола.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...