Осигурениците кои имаат препишана хронична терапија, вклучително и инхалаторна терапија за астма и ХОББ, имаат можнист да одат во најблиската аптека и истата да ја подигнат на товар на Фондот. Доколку аптеката не располага со лекот во моментот, тогаш треба истиот аптеката да го набави за потребите на осигуреното лице, информираа денеска од Фондот за здравствено осигурување, откако пулмолозите предупредија дека пациентите со астма често остануваат без оваа терапија. Здружението на пулмолози побарало овие спрејови да бидат изземени од месечната квота со лекови, за да бидат подостапни на болните.
Од Фондот појаснуваат кој е патот на лековите на рецепт и ги советуваат осигурениците што да направат кога нема да го добијат препишаниот лек.
– Обезбедување на лекови на рецепт на товар на Фондот, се врши преку ПЗУ аптеки и истото зависи од повеќе фактори меѓу кои се и набавките на лекови од страна на аптеките, информираноста и навиките на осигурениците при подигање на лековите и друго. Во случај кога осигурено лице ќе се соочи со потешкотии при набавка на лекови, може да се се обрати до службите на Фондот (подрачни служби) или преку маил или преку бесплатниот телефонски број. Фондот континуирано ја следи состојбата со достапноста на лекови, и интервенира на соодветен начин. Јавноста е навремено информирана дека буџетот за лекови за годинава е рекордно висок, 3 милијарди денари а бројот на реализирани рецепти надмина 23 милиони рецепти годишно – нагласуваат од Фондот.
А во врска со апелот и барањето од пулмолозите за спрејовите да се изземеат од квотите на аптеките, еве што одговараат надлежните од Фондот за здравство.
– Барањето инхалаторната терапија да биде изземена од квотите на Фондот е добиено и се разгледува. Податоците на Фондот покажуваат дека обезбедувањето на инхалаторна терпија бележи раст во изминатите години. Во 2015 година бројот на реализирани рецепти за инхалаторна терапија изнесува 274,986 додека во 2018 година тој број е 336.571 рецепт, односно зголемувањето е 22 отсто. Што се однесува до финансиите, во 2015 година Фондот обезбедил 286,7 милиони денари (околу 4,7 милиони евра), а во 2018 година обезбедил 360,15 милиони денари (околу 5,9 милиони евра), што е за околу 1, 2 милиони евра повеќе обезбедени средства за инхалаторна терапија. Фондот веќе обезбедува 14 различни генерички имиња на лекови, со одредена форма и јачина, односно 19 заштитени имиња од рзлични производители во моментот – тврдат од Фондот и додаваат дека „деновиве во Фондот нема доставено информации ниту поплаки од осигуреници дека не можеле да набават одредена терапија во аптеките“.
– Сакаме повторно да напоменеме дека снабденоста на осигурениците со лекови на рецепт на товар на Фондот зависи од повеќе фактори како што се, палетата на лекови кои ги нарачуваат и набавуваат аптеките во зависност од нивните договори со веледрогерии (цени, рокови на испораки и плаќања и др), потребите и навиките на осигурениците, гравитирање на осигурениците и навика да ги бараат лековите само во аптеки на пофрекветни локации, навиките/праксата на лекарите за препорачување и пропишување лекови, структурата на населението, навиките или флуктуацијата на население (осигурениците можат да побараат и подигнат терапија во било која аптека на територијата на РСМ која има склучен договор со Фондот), создавањето и чувањето на домашни залихи на лекови, (не)рационалноста во пропишувањето и користењето на лекови, односно одговорно пропишување и користење на лекови, итн – изјавуваат од оваа институција.
Фондот, како што се нагласува, интервенираше и ја зголеми квотата во месеците од првиот квартал на 2019 година. За годинава е обезбеден рекорден буџет за лекови во износ од 3 милијарди денари.
За новиот пристап на распределба на буџетот за квоти, Фондот навремено ја информираше јавноста за тоа дека околу 500 аптеки добија зголемени квоти. http://www.fzo.org.mk/WBStorage/Files/Soopstenie%20za%20kvoti%2023-12-2018%20finalno%20docx.pdf
Според Фондот, едно од можните долгорочни решенија за континуирана снабденост на лекови со рецепт на товар на Фондот е и концептот на воведување на EHR –електронско здравствено досие за секој осигуреник, со кое во реално време ќе бидат достапни сите податоци за тоа кој лекар каков лек пропишал за кој осигуреник и каде тој ја подигнал терапијата.