Уште не е дојден ни декември, а новогодишната треска е започната. Со друштво или сами, голем број Македонци одлучуваат да ја дочекат Новата година во странство. За тоа кои дестинации се најбарани и дали се преферираат хотели со пет ѕвезди, Плусинфо се обрати во неколку туристички агенции.
Оваа година „Аурора турс“ за прв пат има понуда за дочек на Нова година во Мароко.
– Најинтересни понуди се зимските центри, Боровец, Банско, но барано е и нашето Берово. Потоа со нашата агенција може да се дочека Новата година во Париз, Рим, Виена. Од далечните дестинации, не толку масовно, ама сепак луѓето одат, во Мексико. Имаме понуда и за Израел. Поединци одлучуваат сами да патуваат, без друштво. Во денешно време тоа е овозможено, но цените кога сами патуваат се поскапи. Друго е групна цена, а друго е вака. Индивидуалните патувања се поскапи и во летниот и во зимскот период – вели директорот на агенцијата, Славе Сирачевски.
Тој вели дека многу луѓе бараат „испитана работа“, односно хотели со четири или со пет ѕвезди.
– Обично сите патувања кои ги имаме, особено на Малдивите, на Бали, на Тајланд, исто и на Мексико и на Куба, претежно нудиме хотели со четири или со пет ѕвезди. Во некои земји е ризично да се оди во хотели со две или со три ѕвезди. Критериумите се изострени и луѓето бараат поквалитетни хотели – дециден е Сирачевски.
Од први декември агенцијата ќе има понуди за патувања во лето за следната година.
– Тогаш ќе бидат објавени речиси сите чартери. Ќе има објавено сѐ, со цени, со распоред на авиони… Има голема заинтересираност за летните понуди. Многу е поевтино да се резервира сега или во јануари отколку во лето. Пример за Анталија е многу поевтино сега, отколку да се уплати во пред сезона – појасни тој, додавајќи дека се очекува и наредното лето помасовно да се оди во Турција, Египет, Грција.
Директорот на „Фибула ер-травел“, Асим Меџедовиќ вели дека за Нова година луѓето најмногу преферираат да одат за Дубаи, Банско, Боровец, Истанбул, Кападокија, но и на француските Алпи. Со оваа агенција ќе може да се дочека Новата година и во Атина во Грција.
– За Дубаи комплетен пакет аранжман има за 435 евра пред и по Нова година, а конкретно за дочек на Новата, седум ноќевања со новогодишна вечера и со други работи е 999 евра од човек. За семејство се добива попуст, но сето тоа е зависно од годините на децата. Претежно лицата кои доаѓаат кај нас бараат хотели со четири ѕвезди и нагоре. Ние ги избегнуваме тие аранжмани кои се со многу евтини цени, хотели со три или со помалку ѕвезди, поради сомнителните услуги коишто може да се дадат поради скриени трошоци. Има многу агенции кои одат на таков начин, тоа е лошата страна на некои агенции – додаде Меџедовиќ и најави дека за недела дена ќе излезат и понудите за летото 2020 година.
Аранжмани со автобуски превоз, кои се со попристапни цени за нивните клиенти, се најчесто барани во охридската агенција „Вис-пој“.
– Од нашата околина би ги издвоил Белград и Будва, по нив доаѓаат аранжманите за Истанбул, Прага, Венеција, Виена. Тоа се сите аранжмани со автобуски превоз со поаѓање од различни градови, од секој град има поаѓање. Има побарување и за авионските аранжмани, како што се за Рим, Париз, Дубаи и други. Меѓутоа тие помалку се бараат, бидејќи нивната цена е повисока и не секој може да си ги дозволи. Интересно е што во изминативе години доста побарувања имаме и на продажба на индивидуални патувања. По желба на клиентот, си одбираат дестинација, а ние комплетно им правиме индивидуален аранжман без да се направи група. Со купување на авио билет, букирање на хотел и останати пропратни активности. Претежно станува збор за тука во Европа, како што се Барселона, Виена, Малта е многу атрактивна – вели директорот Јаким Маленко.
Тој додаде дека поретко се бараат хотели со пет ѕвезди.
– Претежно се користат хотелите со три и со четири ѕвезди. Со пет ѕвезди се бараат хотели за летните аранжмани за Турција, Грција, Египет. Кога станува збор за новогодишни и празнични патувања, претежно сместувањата и барањата се постојано за хотели со три и со четири ѕвезди. Ски центрите се исто така доста атрактивни за новогодишните аранжмани, бидејќи многумина си планираат да ги спојат новогодишните празници со зимскиот одмор. Тука би ги издвоил Банско, Боровец, Копаоник. Има и барања за подалечни дестинации како Дубаи, Куба, Малдиви, меѓутоа тие се во многу помал број во споредба со останатите. Тие се малку за повисок стандард – вели Маленко, додавајќи дека самци поретко патуваат, повеќето луѓе се во друштво.
ФОТО: EPA / ALI HAIDER