Бизнисменот и поранешен градоначалник на Скопје, Трифун Костовски бара пратеникот Антонијо Милошоски јавно да му се извини во спротивно ќе го тужи за клевета.
Костовски извинувањето од пратеникот го бара, за како што наведува, лагата која Милошоски ја објавил на неговиот Фејсбук.
– Јавно го повикувам господинот Антонио Милошоски да се извини за лагата која ја објави на својата Фејсбук страница, во спротивно ќе покренам тужба за клевета – вели Костовски.
Пратеникот Милошоски на Фејсбук напиша дека „на Костовски му е поважен бизнисот за банката од тоа дека ќе стане Северномакедонец“.
– Политичката/бизнис елита во државава добро знае што губи народот со неповратното менување на Уставот, името и националното понижување, но најважно им е што би добиле тие преку овој манипулативен референдум.
Упростено преку зборовите на Трифун Костовски на 24Вести, кој сам си кажа: „и мене ми е тешко јас од Македонец да бидам Северномакедонец, но битно е да ми се отвори бизнисот за банката!”
За ваквите Цепенков имаше поговорка „не барај ни кај куче вера, ни кај богат мера!”
Затоа на овој неуставен референдум на една страна ќе биде ЕЛИТАТА (блиски и до СДСМ, и до ВМРО, ДУИ, НСДП, а на друга страна народот, напиша меѓу другото на Фејсбук, пратеникот Милошоски.