Ако имате компликации после операција, јавете се на СОС број!

Во 2017 биле извршени 51.771 хируршка интервенција, а проценките се дека и годинава толку пациенти ќе бидат згрижени со постоперативна нега.

293

Министерството за здравство почнува со нова системска мерка за развој на  вонболничка, односно домашна постоперативна грижа, информира денеска на прес-конференција државниот секретар во Министерството, Владимир Милошев.

Тој рече дека сите јавни здравствени установи каде што се вршат хируршки интервенции се опфатени со овој проект, а оперираните пациенти се тие кои ќе имаат најголема корист.

– Целта на оваа мерка е грижа за пациентите во периодот до првата закажана постоперативна контрола во болничката установа, која најчесто се закажува еден месец после хируршката интервенција – истакна Милошев.

Тој посочи дека за таа цел се веќе назначени здравствени работници, кои телефонски ќе контактираат со пациентот еднаш дневно во првите три дена од отпуштањето од болницата, а потоа еднаш во неделата сѐ до закажаната прва контрола.

– Во овој период пациентот ќе може да се јави за секоја промена на неговата здравствена состојба на определената медицинска сестра за добивање медицински совет на телефоните, кои ќе бидат јавно достапни на веб страната на Министерството за здравство – рече Милошев.

Според него, по излегувањето од болница најважно за пациентот е не само следење на инструкциите од докторот, туку и консултација или совет од медицинско лице посебно во случај на симптоми, кои укажуваат на одредени компликации.

Тој наведе дека во 2017 бројот на извршени хируршки интервенции бил 51.771, а проценките, според него, се дека и годинава толку пациенти ќе бидат згрижени со постоперативна нега.

– Со цел да се одговори на прашањата на пациентите во првите денови по напуштањето на болницата, ќе биде одговорен најмалку по еден здравствен работник – медицински сестри од редот на вработените, за секој оддел каде се хоспитализирани пациенти – додаде Милошев оценувајќи дека целта е да се унапреди достапноста, како и здравствената грижа за постоперативната и домашна нега.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...