Во Скопје следниот викенд би требало да се прска против комарци, а третирањето против инсекти во неколку други градови во земјава е најавен за овој викенд.
Скопскиот градоначалник Петре Шилегов очекува в среда да завршат сите постапки, со што ќе се отвори можноста викендот да може да се третираат инсектите.
Прскањето доцни поради сомнежите на Шилегов дека набавените препарати се штетни за граѓаните.
– Жалбата ќе биде предмет на обработка на соодветната комисија на седница следната среда. Очекувам дека доколку биде одбиена жалбата и следниот викенд ќе биде прскано против инсекти – вели Шилегов.
Скопскиот градоначалник присуствуваше на пуштање пат меѓу селата Љубин и Рашче, во должина од четири километри. За патот градските власти одвоиле околу четири и пол милиони денари.
Изградбата на патот е заеднички проект помеѓу локалното население и и градските власти, а вкупната инвестиција е околу 12 милиони денари.