Ако де, ќе се стиснат – еве како се возат патниците во меѓуградските автобуси (ФОТО)

Да оставиме на страна тоа што оние кои стојат ја плаќаат истата цена како и оние што седнале, навистина не е во ред да се печали на маката на студентите и изнемоштените, стари лица. Возрасни лица да стојат во автобус, па тоа е и срамно и жално., коментира патничка.

920

И по несреќата во Ласкарци, сѐ уште патници стојат во автобуси кога патуваат од други градови од и кон Скопје. Патниците се револтирани што им е загрозена безбедноста и што превозниците продаваат билети повеќе од што има седишта во автобусите.

– Човек ќе помисли дека после несреќата кај Ласкарци, превозниците и возачите повеќе ќе внимаваат и ќе ги почитуваат патниците. За жал, не е така – вели разочарана патничка.

Таа додава дека во автобусите најмногу се возат студенти и болни лица кои одат на преглед во Скопје.

– Морате да отидете 20 минути пред да дојде автобусот и да си купите карта. Понекогаш автобусот доаѓа порано и веднаш се полни, а некогаш доаѓа во последната минута и настанува невидена турканица, ви се чини коси си кубат за да заземат седиште. Последниот пат кога се возев, шоферот беше нервозен бидејќи десетина лица стоеја во автобусот. Некои од нас реагираа што автобусот доцнеше 10 минути со тргнување, а тој ја повика жената од шалтерот да види што се случува. Излезе дека на некои студенти им биле дадени карти за автобусот кој оди попладне, иако се не беше ни разденило. Многумина се жалеа, велеа „не сме будали да стануваме олку рано за да земеме карти за попладне“, додавајќи дека билетите со друг термин им биле подметнати – раскажува таа за Плусинфо.

Таа ги предупредила своите пријатели да бидат многу внимателни кога купуваат билети, да видат дали е сѐ во ред со терминот, за подоцна да немаат проблеми.

– Не е прв пат да се подметнуваат билети со тргнување во друг термин. Друг пат пак, повторно шоферот повика една од жените на билетара за да види дека има многумина што стојат и да дозволи да се пушти уште еден автобус или комбе, а таа ни срам ни перде, рече „ако де, ќе се стиснат“. Не можам да кажувам за друг, но јас се почувствував толку лошо. Да оставиме на страна тоа што оние кои стојат ја плаќаат истата цена како и оние што седнале, навистина не е во ред да се печали на маката на студентите и изнемоштените, стари лица. Возрасни лица да стојат во автобус, па тоа е и срамно и жално. А студентите како да немаат доволно проблеми во оваа држава – додава таа, нагласувајќи дека досега полиција ги нема застанато, иако повеќе пати автобусот бил натрупан со патници.

Нашата соговорничка бара да се реши овој проблем еднаш засекогаш, за, како што вели, да не дојде до уште една кобна несреќа.

Плусинфо побара став од Министерството за внатрешни работи за целиот проблем. Прашавме дали полицијата доволно ги контролира автобусите и колку превозни возила досега се казнети.

– Во периодот од 1 јануари до 30 јуни 2019 година, регистрирани се вкупно 39 прекршоци при превоз на лица со автобус. Од нив, 37 прекршоци се против правни лица за кои се поднесени барања за поведување прекршочна постапка пред надлежен суд, а два прекршока се против возачите и за истите барањата за поведување прекршочна постапка се поднесени пред комисиите за одлучување по прекршоци во Министерството за внатрешни работи – ни беше речено оттаму.

За прекршителите на одредбите предвидени се казни. На правно лице кое ќе нареди или дозволи да се превезуваат лица спротивно на одредбите од ЗБСП ќе му се изрече глоба во износ од 2.000 евра во денарска противредност, за прекршокот на одговорното лице во правното лице ќе му се изрече глоба во износ од 30% од одмерената глоба за правното лице, а на возачот кој постапувал спротивно на одредбите од ЗБСП во мандатна постапка ќе му се издаде мандатен платен налог со глоба во износ од 45 евра во денарска противредност, односно ќе му се регистрираат 25 негативни бода согласно ЗБСП.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...