По два часа поминати во Обвинителството за гонење на организиран криминал каде даваше исказ за случајот „Рекет“, бизнисменот Зоран Азманов изјави дека дал дополнение на исказот и дека „многу работи се поврзани со „Инсајдер“ медиумски проект на 1тв, од кој беше емитувана само една емисија – таа за Зоран Азманов.
Според него Бојан Јовановски познат како Боки 13 се обидел да ја искористи моќта на медиумот, да уценува и изнудува пари.
– Најавата на таа емисија беше безобрана, без да ти дадат право да кажеш ни еден збор во одбрана. Во телефонски разговор (со Боки 13) го прашав од каде имаш ти право да правиш таква емисија и од каде имаш сознанија дека јас сум градежната мафија, а немам ниту еден бизнис со државата, тој ми рече да не се секирам затоа што имал информации од Финансовата полиција и од СЈО, ги имал сите документи и немал потреба ништо да истражува – изјави Азманов.