По објавата на 1 ТВ дека бизнисменот и сопственик на „Настел“, Зоран Азманов им се заканувал на новинари со убиство поради најавите за новата емисија на оваа телевизија, „Македонски инсајдер“, со реакција се јави и бизнисменот Азманов. Тој во изјава за „Слободен печат“, вели дека сопственикот на 1 ТВ, Бојан Јовановски, му побарал рекет.
Бизнисменот вели дека пратил смс порака до одговорниот уредник на телевизијата Ацо Кабранов со содржина: „ќе ги решам сите по цена на живот“.
– Тоа е кажано во афект. Не е закана по живот, мислев на институционално решавање – објаснува бизнисменот.
Азманов раскажува дека кога ја слушнал најавата за емисијата зборувал со Јовановски кој му рекол дека има документи од Финансиска полиција. Тој одржа и прес-конференција на оваа тема.
– Првиот телефонски повик кој го обавив со Бојан беше во среда, по кој ми најави дека ќе ме побара за 2 дена. Во петокот се слушнавме, како што ми најави и ми кажа дека целата таа работа може да се среди за 50.000евра или стан. Рекетирањето е пријавено во МВР – вели Азманов.
Тој вели и дека никого во животот не измамил, а купувал локации со донесени детални урбанистички планови. Во Финансиска полиција досега не бил повикан на разговор, ниту пак има некакви сознанија дека се води истрага против него.
– Никогаш не сум учествувал во донесување на било кој ДУП, туку сум инвеститор кој чесно си ги купува локациите и гради согласно донесениот ДУП. ДУП-овите и ГУП-овите во сите случаи каде јас сум инвестирал лично, севкупно 3 објекти лично, како приватно лице и 30 други објекти кои Настел ги има градено, во сите случаи сопствениците на локациите си ги бркале интересот кој го имале во донесувањето на ДУП-овите – објаснува бизнисменот.
Азманов побара институциите на власта задолжени да проверат со кого тоа Бојан Јовановски контактирал со финансова полиција која наводно му дала документација, која, како што вели, е дискутабилно дали воопшто може да се даде пред да биде поведена било каква истрага за наводно сторено кривично дело, кој стои позади целата таа приказна и за која цел се спроведува оваа хајка против него.
– Никогаш не сум контактирал ниту еден судија ниту обвинител како што пишува во најавата за “Инсајдер”, а ако е така, би сакал да добијам име и презиме. Ниту познавам обвинители, ниту контактирам со судии, посебно не во врска со градежништвото – рече бизнисменот.