Разидувањето меѓу земјите-членки околу идната мигрантска и бегласка политика на ЕУ продолжува да се продлабочува. Некои земји и понатаму се спротивставуваат и не сакаат воопшто ни да дискутираат околу воведување на солидарна распределба на мигранти што добиваат азил. Во отсуство на можноста за преземање заедничка одговорност околу ова жешко прашање, практично се исклучува можноста дека на Самитот на ЕУ на 28 и 29 јуни би можел да се случи пробив во мошне тешките преговори меѓу земјите-членки.
„Дозволете само да речеме дека не ни е местото во таа група пријатели кои сакаат мигранти“, рече полскиот премиер Матеуш Моравјецки неодамна на состанокот со колегите од Вишеградската четворка, Полска, Унгарија, Чешка и Словачка, каде што учествуваше и австрискиот канцелар Курц. Четирите земји со заедничка изјава се изјаснија дека ќе го бојкотираат мини-самитот на 16 земји од ЕУ, што се одржа во Брисел, иако воопшто не ни добија покана за учество. Поради упорното одбивање да примат бегалци, тие се изложени на остри критики, а францускиот претседател Макрон заговара и воведување на санкции. „Не може земјите кои имаат корист од европската солидарност да покажуваат егоизам кога станува збор за миграциските проблеми“, смета Макрон.
Не се само земјите од Вишеградската група противници на изнаоѓањето на „европско решение“ за илегалната миграција во Европа. Некаков поголем оптимизам на европското небо не се отвора и покрај големите напори што ги прави германската канцеларка Ангела Меркел, обидувајќи се да изнајде решение за мигрантското прашање заедно со други земји што примиле голем број бегалци, најмногу со Италија и Грција. Меркел се спротивставува на барањето на германскиот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер, кој, поради недостиг на политичка волја да се постигне солидарно решение за распределба, инсистира бегалците што се регистрирани во друга земја веднаш да бидат вратени од германските граници. Иако тоа ѝ создава голем проблем, бидејќи ги затемнува перспективите за натамошното функционирање на големата германска коалиција, Меркел не се согласува зо барањето на Зехофер. Тоа, всушност, е во спротивност со регулативата на ЕУ и претставува директна закана за принципот на слободно движење во рамки на Унијата. Со тоа би бил поткопан самиот европски пројект и Шенген зоната.
А истовремено би би било и нехумано. Ако сите би биле враќани назад од границите, тогаш тоа би значело дека им се испраќа следнава порака: „Не сме заинтересирани за вашите права и што стои во вашите идентификациски документи. Воопшто не нѐ интересира дали сте жртви на тортурата на сирискиот режим на диктаторот Асад, а и доколку имате сопруги и деца во Германија, тоа, за жал, не е наш проблем“. Но, тешко може да се очекува дека зад такава порака би застанала и самата Меркел.
Во еден таков политички ќорсокак решението сега се бара надвор од границите на ЕУ. Данскиот премиер Ларс Локе Расумсен, засега надвор од официјалните ЕУ-структури, иницираше разговори со повеќе земји-членки за отворање мигрантски логори вон територијата на Унијата, за азилантите чии барања за заштита ќе бидат отфрлени. Според данскиот предлог, целата е етаблирање на мигрантски логор во европска земја што не се смета за атрактивна за шверцерите со бегалци и за самите мигранти. Како што беше објавено во скандинавскиот печат, погодни места за мигрантски логори данскиот Миграциски завод гледа на територијата ан Молдавија или Украина. Целта на данската иницијатва е уште во текот на 2018 година да се преземат први чекори кон проширување на соработката во таа насока.
Од други инстанци во овој контекст се споменуваа и Албанија, како и Македонија, при што министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски веднаш реагираше со тврдење дека Македонија е одлучно спротивставена на ваквата идеја, и дека за Македонија „отворање бегалски кампови не доаѓа предвид“. По мини-самитот во Брисел, пак, беше нагласено дека е постигната согласност да се засили соработката и со земјите од Африка, каде што би можело да се етаблираат прифатни центри за мигранти. На тие што имаат потреба од заштита би можело да им се овозможи да дојдат во ЕУ, додека останатите би биле враќани во нивните земји без воопшто да можат да стапнат на територијата на Унијата.
Во секој случај, мигрантската криза, што силно ги потресе темелите на ЕУ во 2015 година, не престанува. Каква атмосфера владее во преговорите меѓу ЕУ-лидерите, можеби најдобро се отсликува во резигнираните констатции на потпретседателот на Европската комисија, Франс Тимерманс, кој укажува дека во декември била постигната согласност некои прашања повторно да се разгледаат во март, а во март истите прашања да бидат ставени на агендата во јуни. „Не можеме секогаш да ги одложуваме важните одлуки“, потенцира Тимерманс.
Шведската европратеничка од редовите на либералите, Сесилија Викстром, која беше одговорна за преговорите поврзани со утврдување на позицијата на Европскиот парламент околу контроверзното прашање на идниот европски азилантски систем, верува дека прозорецот низ кој се гледаат можности за постигнување некакво решение е и понатаму отворен. Но прашањето, според Викстром, е до тој степен сериозно, што ја доведува под знак паршање иднината на ЕУ и нејзината веродостојност.
Исходот од претстојниот ЕУ-самит неделава е крајно неизвесен, но доколку сега, под итно, не се искористат постоечките можности, прозорецот за подолго време би можел да остане – затворен.