Изборните процеси да се кратки и да не го кочат бизнисот, побара денеска претседателот на Стопанската комора Бранко Азески по најавата за можни двојни избори годинава.
– Не сакаме да ги кочиме политичките демократски процеси, но бараме изборните кампањи да бидат куси и да не го кочат работењето на бизнисот. Верувам дека политичките партии можат да се договорат за сето ова – рече Азески денеска по промоцијата на монографијата „60 години Витаминка“.
Симон Наумоски, пак, , претседател на Одборот на директори на „Витаминка“ рече дека бизнисот не би сакал избори оти секои избори го попречуваат да го реализира планираното.
– Практиката покажа дека кога има избори имаме понегатвни резултати од годините кога нема избори.Тоа кажува дека нашиот сектор не би поднел нови избори. Хека се одржат понатаму- вели Наумоски.
Претседателот на Комората Азески смета дека политиката, исто така, не би требало да го кочи бизнисот во однос на извозот изнаоѓањето нови пазари и создавањето на заеднички регионален производ што е јасна цел на бизнисот од регионот.
– Треба да стане јасно дека бизнисот ќе ги пробива границите и онаму каде што политиката ги затвора. Ние соработувавме со грчки фирми и пред отворање на процесот, а сега со надминување на одделни бариери ќе даде дополнителен стимул за соработка. Соработуваме и со Бугарија и Србија и треба да ги надминеме политичките предрасуди и идеолошката матрица пред создавањето на заеднички регионален производ – рече Азаски.
Тој посочи дека една од компаниите кои успеваат да ги пробијат границите и бариерите е „Витаминка“ која во изминатите 60 години успеа да порасне во компанија со најголем вкупен приход во секторот од близу 40 милиони евра.
На промоцијата на монографијата „60 Години Витаминка” беше ставен акцент на бизнис патот на Симон Наумоски, претседател на Одборот на директори на „Витаминка” кој ја водеше компанијата од производител на црвен мелен пипер до производител на 50 брендови.