Прекините на водоснабдувањето во Аеродром ќе бидат минато за граѓаните на оваа општина. Непланскиот развој и нејзината брза урбанизација, за жал не ја следеше и изградба на соодветна инфраструктура, токму заради тоа во изминатиот период граѓаните на општина Аеродром и дел од Кисела Вода имаа проблем со водоснабдувањето.
Ова го изјави, градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов, кој со директорот на ЈП „Водовод и канализација“, Душко Весковски извршија увид во градежните работи за поставување вововодна цевка што ќе ги реши проблемите со водоснабдувањето во Аеродром.
– Со поставување на цевката со пречник ∅ 400 очекуваме во целост да им ги решиме проблемите со прекините во водоснабдувањето на жителите во општина Аеродром и Кисела Вода, особено на тие што живеат на погорните катови на висококатниците во Аеродром- истакна Шилегов.
Оваа водоводна линија поврзува две општини во Скопје, Аеродром и Кисела Вода.
Тој најави дека и натаму ќе инвестираат во нова водоводна и канализациона мрежа за да обезбедат поквалитетни услуги за граѓаните.