Во врска со реакциите во јавноста во однос на евентуална изградба на 60-катници на просторот кај хотелот „Холидеј ин“, Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор (АДСДП) попладнево соопшти дека гради согласно годишната програма за изградба, продажба и одржување на станбен простор во сопственост на РМ донесена од Владата и изготвена врз основа на Деталните урбанистички планови.
Според АДСДП, во интервјуто за МИА, генералниот директор Кристијан Трајковски посочи дека локацијата е идеална за изградба на современ бизнис центар, но конечната одлука треба да ја донесат надлежните институции, секако имајќи предвид дека конечниот глас ќе го имаат граѓаните.
АДСДП нагласува дека и натаму останува на својата основна задача – обезбедување развој на економски план како за државата, така и за АДСДП што во пракса значи привлекување домашни и странски инвестиции.
– Оваа програма АДСДП ја изготвува и ја доставува како предлог до Министерството за транспорт и врски, а Владата ја одобрува. Напоменуваме дека годишната програма се носи врз основа на Деталните урбанистички планови што ги изготвуваат општините согласно потребите за комерцијални и социјални станови, како и за деловни објекти. Токму општините одлучуваат за намената на локациите и за површината на градбите, наведува претпријатието – се вели во реакцијата од АДСДП.
Друштвото и во иднина ќе продолжи да ги почитува законските прописи на важечките урбанистички планови.