Изнесените наводи на рочиштето за предметот „Титаник 3“ од страна обвинителката Фатиме Фетаи за закани кон обвинителите се невистинити, демантира Мефаиљ Арслани, адвокат на обвинетиот функционер од ДУИ, Ејуп Алими.
– Јас сум адвокат кој професионално ја обавува својата дејност. Моите клиенти и соработници никогаш не сум ги делел според нивната вероисповед или „на наши и ваши или каури“, ако што посочува Фетаи. Мојот пристап и начин на работа се професионално за што потврда е мојот коректен однос со сите колеги и клиенти. Ниту јас, ниту мојот клиент сме се заканувале директно или индиректно на обвинителот Гаврил Бубевски – вели во писмената изјава Арслани.
Тој тврди дека ниту приватно ниту во врска со предметот „Титаник 3“ се видел со Фатиме Фетаи и ја прозива дека нејзината намера за истакнување на ваквите лаги очигледно е, како што вели тој, нејзина лична фрустрација која е објаснива само за неа.
– Повеќе од јасно е дека обвинителката сака и на ваков начин да си земе медиумски простор, кој очигледно во последно време ѝ недостасува, притоа неводејќи сметка за тежината на зборовите кои ги кажува. Да беше свесна што кажува или да се консултираше со некој пред да каже вакви клевети и лаги, немаше да се доведе во ситуација во која допрва треба да го докажува своето бламирање – вели Арслани.
Тој вели дека ако обвинителите не покренат постапка против него за наводните закони, тој лично ќе покрене постапка против Фатиме Фетаи за начинот на кој се обидела да го наруши неговиот углед.
Вчера во расправија во судница за тоа кој колку се заложил да го обезбеди еден од клучните сведоци во предметот „Титаник 3“, обвинителот Бубевски прв ги спомена заканите, а на прашање на адвокатот „Кој се заканувал“, возврати Фетаи.
„Па ти беше тој што ми ја пренесе заканата дека ’ти си наша ти, може лесно да поминеш, ама на тој каурот ќе му ја расплачеме фамилијата’“, кажа таа.
По рочиштето, Бубевски најави дека ќе поднесе пријава за упатените закани.