Мојот пријател Руди Лазаревски, кој сега одлуката на ЕУ ја нарекува „сурово цинична“ (не ми е баш јасно зошто), тврди дека во наредните осум до десет месеци, до наредната евалуација во јуни 2019 година, не можат да се направат реформи во јавната администрација.
Настрана фактот што до јуни следната година сепак има 11 месеци – или Руди им дава на овие од Владава два месеца да се одморат од претераните радостии? – јас тврдам дека брзо можат да се направат значајни реформи во јавната администрација. Се разбира, ова под услов сите под реформи да подразбираме рационализација, кратење на прекубројното чиновништво, департизација и воведување мерит-систем.
Ќе дадам само еден пример, за да се види до каде е метастазирана нашата администрација. Појдете на сајтот на Владата и погледнете го списокот на министерствата. Многу е интересен, та дури и смешен.
Така, ако не сте знаеле, да си знаете – Македонија има Министер без ресор задолжен за странски инвестиции, Министер без ресор задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија и Mинистеркa без ресор задолжена за странски инвестиции. А инаку целата работа околу странските инвестиции ја вршат премиерот и вицепремиерот за економски прашања.
Да биде незгодата поголема, речиси секој ресор е дуплиран со советник. Така, имаме Министер без ресор задолжен за имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите во Република Македонија (еден сосема непотребен ресор), ама имаме и советник на истата „тема“. Имаме Министерство за култура, советник на премиерот на култура и Национален координатор за култура.
Сите овие ресори и функции, измислени за политички пазарења и за задоволување нечии лични амбиции, со себе носат функционери од втори и трети ешалони (заменици, помошници, пак советници), чиновници, секретарки, шофери, паркирачи на автомобили и што ли уште не. Едноставно, едно со друго – си повлеквит!
Македонската администрација може совршено добро да функционира со само петнаесеттина министерства, без оваа армија од советници вакви и онакви, без неколку тотално непотребни агенции, без овој административен башибозук кој произведува само неорганизираност и неработење, а е на товар на нејакото стопанство.
Реорганизацијата на администрацијата, барем на ниво на измени на прописите, може да се изведе веднаш, уште ова лето. А потоа да се тргне во реализација на реформите. Останува, се разбира, дилемата што ќе правиме со вишокот чиновници. Елем, ќе се најдат мудреци што ќе речат дека таков вишок и нема. Тоа за нас, нели, е и идентитетско прашање.