Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен простор од значење за Републиката ги отфрла како невистинити, а пред се како тенденциозни насловот и наводите во текстот „Афера Орфеj: Синот на Фрчкоски сторил кривично дело- оштетен е буџетот.
АДИССДП посочува дека помошник директорот на правниот сектор не го стопирал извршното барање кон правниот субјект, ниту пак можел, односно не станува збор збор за оштетување на буџетот на Друштвото. Во ситуацијата не станува збор за укинување на извршното барање, туку напротив – извршното побарување за вкупниот долг останува во целост. Дополнително се дополнува со нови побарувања за периодот во кој субјектот одбива да склучи нов договор и спогодба кој е услов за повлекување на извршната клаузула согласно донесената одлука на Одборот на директори.
Во подолг временски период правен е обид од стручните служби да се воспостави контакт со правниот субјект да ја потпише спогодбата и новиот договор со нова повисока проценка, но тој контакт се уште се избегнува и покрај големиот број известувања( видно од писмена коресподенција). На субјектот му е даден рок доброволно да да го испразни просторот од лица и ствари, бидејќи во спротивно ќе биде иселен од страна на извршителот. Оттука, не може да стане збор за какво било оштетување на буџетот на АДИССДП, или пак за евентуална тенденција во таа насока. Во овој момент сите побарувања кон овој субјект се предадени на извршување.
За појаснување потребно е да се посочи дека сметката на истиот субјект е блокирана од страна на извршителот за што сме известени од страна на истиот. Сметаме дека ваквите текстови со кои отворено негативно се етикетираат одредени личности и се извитоперуваат фактите со селектиран приказ на документите, без притоа да се побара одговор од нашите стручни служби имаат единствена цел да се предизвика штета на честа, угледот и интегритетот како на помошник директорот, така и на целото друштво. Во иднина АДСДП на ваквите написи ќе одговори со соодветни правни механизми. Во интерес на јавноста и на вистината, Ве повикуваме да дојдете во нашите простории каде ќе одговориме на сите прашања и ќе ви овозможиме увид во целосната документација во однос на предметот, стои во демантот.
Порталот Лидер претходно објави дека „синот на Фрчкоски се офајдил од буџетот за милиони денари“.
Според „Лидер“, Туристичката агенција „Орфеј” со години не плаќала кирија за објектот кој го користи во центарот на Скопје, а од Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор против-законски се откажале од извршување на долгот и со непостапување на оваа фирма и дозволиле да го користи објектот без притоа да плаќа кирија.
Порталот приложувајќи документи, пишува дека со ваквото постапување, директорот на правната служба на оваа државна компанија – Јон Фрчкоски – син на Љубомир Фрчкоски и потпретседател на СДММ, сторил кривично дело и го оштетил буџетот за околу 3 милиони денари.