Адеми: Јас не сум супермен затоа девет комисии ќе одлучуваат за проектите

923

Деветте комисии кои ќе одлучуваат за финансирање на националните проекти од културата по дејности, задутре ќе почнат да работат. За да не се повторат неправилностите и судирот на интереси при изборот на проекти од минатата година, што предизвика реакции и резултураше со повлекување на некои проекти, Министерството за култура назначи нови членови во речиси сите комисии и ги соопшти имињата на нивните претседатели. За да нема основани жалби, министрот Асаф Адеми ќе има и директен телефонски број на кој апликантите и секој заинтересиран ќе може да му се јави со сугестија или да укаже на некоја неправилност.

Комисијата за издавачка дејност ќе ја предводи Бертон Сулејмани, за фолклор, музичка и сценска уметност – Плеурат Гаши, за драмска дејност – Петар Арсовски, за интердисциплинарни дејности – Суат Камбери, Трајче Блажевски е претседател на комисијата за визуелна уметност, за недвижно културно наследство – Анета Серафимова, за музејска дејност и нематеријално културно наследство – Мила Шурбановска, за библиотечна дејност – Вилдане Идризи и за инвестиции – Џеладин Локмани.

Министерот Адеми на средба со новинарите денеска рече дека очекува добра соработка со претседателите и членовите на комисиите.

– Јас се потпирам на предлозите што ќе ги добијам од комисиите. Јас не сум Супермен што може да разгледа пет илјади апликации. Затоа имаме девет комисии, некои се тричлени, а некои каде што има поголем број апликации имаат пет члена. Уверен сум дека сите членови се професионалци и работата ќе ја завршат чесно и успешно. Очекувам на 28 јануари да имам предлози за добри проекти, за кои нема јас да мора да одлучам кои проекти ќе бидат финансиски поддржани од Министерството за култура во 2019 година – рече  Адеми и додаде дека новина ќе биде неговата достапност на посебен телефонски број на кој ќе може да му се обратат апликантите и сите заинтересирани кои сметаат дека имаат корисни сугестии.

Фото: МИА

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...