Подавањето рака за помирување не значи амнестија. Помирувањето или опростувањето е човечка особина и големина, напиша на социјалните мрежи министерот без ресор задолжен за дијаспората Едмонд Адеми откако премиерот Зоран Заев од собраниската говорница понуди помирување за 27 април.
„Подавањето рака за помирување не значи амнестија. Помирувањето или опростувањето е човечка особина и големина. Папата Јован Павле Втори, му прости на својот атентатор, но тоа не го амнестираше Ахмет Али Агџа од одслужување на затворската казна. Обидот за атентат беше во 1981 година, од затвор излезе 2010 година. Така е и сега“, напиша Адеми.
Говорејќи за „крвавиот четврток“, Заев рече дека „дојде време да им кажеме „стоп“ на поделбите, еве шанса да си простиме“.
Тој испрати порака за, како што рече, „да си простиме и да се помириме“, додавајќи дека е спремен да ја понесе политичката одговорност за пружената рака на простување на настаните од 27 април лани.