Како министер ќе се трудам за култура подеднаква за сите, без предности и негативна селекција. Сите коментари и информации што ги слушаме ќе се потрудам да ги анулираме и секој етникум да го чувствува Министерството за култура како свое. Во таа насока ќе бидат и моите сугестии до членовите на комсиите при изборот на проекти за финансирање од Министерството, рече денеска Асаф Адеми на својата прва прес-конференција еден месец по преземањето на функцијата.
Соопшти дека работите во Министерството за култура се одвиваат тековно, имаат, како што рече, предизвици и тешкотии што ги санираат, а целта е сите предвидени и усвоени проекти да се реализираат навреме и јавноста за тоа да биде навремено и точно информирана.
Планираните капитални инвестиции во културата, за кои буџетот во 2018 година е 927.060.188 денари, досега се реализирани 42 проценти, а до крајот на буџетската година се очекува реализираноста да достигне 90 отсто. Се прават санации, реконструкции и адаптации на повеќе национални установи. Фокусот е ставен и на завршување на измени на закони кои произлегуваат од усвоената Национална стратегија за развој на културата 2018-2022 – Колективниот договор за култура, Нацрт-законот за јавниот интерес во културата, измени на Законот за авторско право и сродни права и закон за заштита на културното наследство. Приоритет е децентрализација во културата.
Бидејќи ова е реформска влада, рече Адеми, остануваат посветени на реализација и исполнување на сите потребни реформи и за таа цел се формирани 20 работни групи од надворешни стручни лица. Дел од нив веќе ја завршиле или ја привршуваат работата.
Соопшти дека вкупните обврски согласно со сметководствената евиденција на Министерството за култура заклучно со 31 мај 2018 изнесуваат 1.375.344.089 денари.
– Почнувајќи од 4 јуни 2018 се доставени сите склучени договори по Годишната програма за нивно сметководствено евидентирање што претставува важен исчекор во реалното прикажување на финансиските обврски. Токму ова беше истакнато и во извештајот на Државниот завод за ревизија за работата на министерството за култура во 2016 година – рече министерот за култура.
Меѓу задачите на Министерството е и да се најде решение за голем број отпечатени книги од петте капитални издавачки проекти на минатата Влада од кои, рече Адеми, многу примероци стојат во подруми и ќе треба да се дистрибуираат. На седница на Влада ќе биде доставена Информација за решение со предлог да се промени одлуката за листа на институции кои треба да добијат примероци од книгите односно да се вклучат и институции кои досега не ги добивале.
– Од четири проекти во изминатиот период е доставена уредна документација за 83 книги, но од март-април 2017 година од страна на Министерството за култура не е направен прием на ниту една книга. Причината за недоставените примероци е тоа што Министерството во своја сопственост има 770.000 примероци од испечатените наслови од капиталните издавачки проекти започнати од претходната влада. Во моментов, дел од отпечатените примероци се сместени во подрумите на Министерството и на други национални институции од културата – рече Адеми.
Министерот рече и дека ќе се работи на исполнување на препораките од УНЕСКО за Охрид. Во тек е ревизија на Законот за управување со светско и природно и културно наследство на охридскиот регион и подготовка за ревизија на Акцискиот план.
На новинарско прашање дали Министерството побарало мислење од УНЕСКО во врска со реставрирањето на Алипашината џамија во Охрид, што предизвика негодување на граѓаните, Адеми одговори дека немаат доставено барање но очекува да се најде прифатливо решение.
– Слободата на вероисповед е загарантирана со Уставот на Република Македонија и Министерството за култура нема да биде тоа што ќе ги наруши тие вредности. Имав средби со директорката на Управата за заштита на културното наследство и со претставници на Исламската верска заедница за да најдеме начин како да ги избегнеме спорните моменти што ќе донесат до нарушување на меѓуетничкиот и меѓуверскиот соживот. Ќе се трудам и оптимист сум дека многу скоро ќе најдеме решение што ќе биде прифатливо за сите – рече Адеми на прес-конференцијата.