Европското движење во Македонија со отворено писмо до министерот за култура Асаф Адеми, реагира поради тоа што годинава не се одобрени пари за активностите со кои во земјава се одбележува Денот на Европа.
Писмото го пренесуваме интегрално:
„Откако Министерството за култура на 8 февруари ја објави Годишната програма за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2019 година, стана јасно дека не е одобрен проектот на Европското движење во Република Македонија (ЕДРМ) за одбележување на 9 Мај – Денот на Европа.
Би сакале да Ви укажеме дека бурните реакции од јавноста се сосема оправдани ако се знае дека со одбивањето на овој проект директно се минимизира значењето на европските вредности, кои ние секоја година ги промовираме преку низата активности опфатени со него, меѓу кои препознатливиот студентски ораторски натпревар, изборот на европска личност на годината (меѓу кои беа Тоше Проески, Влатко Стефановски, Симон Трпчевски…), потоа детскиот ликовен конкурс во кој учествуваат дечиња од осум основни училишта, традиционалниот масовен планинарски марш на Водно и уште неколку слични манифестации по повод Денот на Европа.
Со одлуката да се прекине реализацијата на проектот, исто така, се придонесува да згасне една долгогодишна и препознатлива традиција за одбележување на Денот на Европа, која почна уште од осамостојувањето на Република Македонија, поздравена и од Европската делегација во Република Македонија и од речиси сите амбасади на земјите-членки на Европската Унија во Република Македонија.
Сметаме дека е скандалозно да се прекине европска традиција на македонската општествена сцена токму во време кога Република Македонија прави невидени напори и жртви со цел да се приближи кон членството во ЕУ и кон европските вредности, чие негување се обидува да го спречи токму Министерството со кое раководите.
Активностите за одбележување на 9 Мај не само што ги промовираат овие европски предности преку стимулирање на креативниот и уметничкиот потенцијал на сите граѓани на Република Македонија на возраст од 7 до 77, туку целосно ги исполнуваат и условите кои ги дефинира и самото Министерство за култура, а тоа се негување и поттикнување на културниот диверзитет, уметничкото творештво и културниот развој.
Затоа, сметаме дека одлуката да не се поддржи проектот на ЕДРМ за одбележување на Денот на Европа е неоправдана и бараме да ја преиспитате уште еднаш, впрочем како што и самите Вие и ветивте на јавноста и како што дури и премиерот Зоран Заев најави.
Ви стоиме на располагање да ги дополниме или коригираме евентуалните забелешки или пропусти во одност на техничката документација, за која тврдиме дека е комплетна и уредна исто како и сите претходни години“, се вели во писмото потпишано од претседателка на ЕДРМ проф. д-р Милева Ѓуровска.