Адеми: До февруари голем дел од дивоградбите во Охрид ќе бидат расчистени

403

На прстите од двете раце може да се избројат дивоградбите од типот на куќи, угостителски објекти или хотели во заштитениот појас во Охрид. Најголем дел од 409 градби не се сите цврста градба, во смисла куќи, хотели, туку дел се гаражи, огради, дел се дополнителни скали, вели министерот без ресор Едмонд Адеми во интервју на Радио Слободна Европа.

Прашан колку дивоградби ќе бидат отстранети во дадениот рок од УНЕСКО, Адеми вели дека тоа не е задача на Владата, туки задача на општината и зависи од нејзините капацитети и можности.

– Се надевам и верувам дека до февруари голем дел, ако не се, барем голем дел од нив да бидат расчистени. Kако што изјави и премиерот, доколку општината нема капацитети и можности тоа да го реши, доколку се обрати до Владата, таа ќе излезе во пресрет, изјави Адеми.

За тврдењата од невладините организации дека во Баку не бил презентиран ист закон со тој што е доставен во Собранието, Адеми категорично вели не, и посочува дека тоа е процес.

– Во јануари е пратена верзија на законот. Знаете, легислативата и законот е процес. Во април е пратена втората верзија во Баку, онаа што е усвоена на седница на Влада. Ако ги читате заклучоците од Баку, УНЕСКО ја поздравува одлуката на Владата за усвојување на Законот што е сега во Парламент. Значи не е точно дека во УНЕСКО е пратена друга верзија, а во Парламент друга, истакна Адеми.

Според Адеми, кој ја предводеше македонската делегација во Баку на 43. сесија на комитетот за светско и културно наследство, препораките и забелешките од УНЕСКО за Охрид не се од вчера, туку од 2009, 2010 и 2013 година.

– Голем дел од вината зошто Охрид и Охридскиот регион се најде во ваква состојба е благодарение на претходната влада. Голем дел од тие дивоградби со законот за легализација кога е донесен 2009 се во времето тогаш. Сега ситуацијата е таква какава што е, проблемот е во наши раце и оваа влада ќе испорача резтати, изјави Адеми.

Дел од препораките, посочува Адеми, се веќе исполнети и очекува и останатите обврски да бидат исполенти бидејќи владата има јасна агенда и рокови за институциите.

– Во декември да го усвоиме планот за менаџмент. Во меѓувреме Законот кој е во Собрание предвидува мораториум од шест месеци, за после тоа со планот да се зонира целосно охридскиот регион. Ќе има прва, втора и трета зона и ќе се знае точно дека во прва зона не може да се гради. Тоа е концептот да се зонира градот за да се знае точно каде може и каде не смее да се гради, а таму каде смее до каде може да се оди. Сето тоа со менаџмент планот до декември ќе може да се менаџира охридскиот регион како целина, изјави Адеми.

Прашан зошто не побарале помош од УНЕСКО, Адеми вели дека во Баку во рамки на разговорите кои ги имал со експертските организации ИКОМОС и УСЦН била договорена експертска поддршка.

– Ги слушам тезите дека ќе сме добиеле и пари за колекторот. Еден колектор чини меѓу 20 и 30 милиони евра. Изградбата на нов колектор во Охрид, тие пари УНЕСКО ги нема да ви ги даде. Затоа владата, знаете со нова одлука, формира ново претпријатие, кое колекторскиот систем го презема под своја капа, што до вчера беше под капата на општините, и во рамки на Буџетот оваа година планираме околу 4,5 милиони евра да вбризгаме во репарација и реновирање на пумпите, нови пумпи за колекторот, а од догодина целосно, заедно со Европската банка за развој, со Европската унија и со други институции, да можеме да ја финансираме целосно изградбата на новиот колекторски систем, вели Адеми.

Во однос на реакциите од невладините организации дека во Баку не била презентирана вистинската состојба со дивоградбите, Адеми посочува дека од мај 2019 Охрид има нов градоначалник и тој во рок од еден месец, согласно документацијата што ја има во општината изработил регистер на дивоградби.

– Тој тоа го презентираше многу отворено, со бројки, колку се во вкупниот број, колку се во заштитениот појас, таму се 409. Кажа дека голем дел од тие 409 градби не се сите цврста градба, во смисла куќи, хотели, туку дел се гаражи, огради, дел се дополнителни скали. Како што кажа, ако може да го цитирам, на прстите од двете раце може да се избројат градби од типот на куќи и на угостителски објекти или хотели коишто се изградени во тој појас. Јас целосно му верувам на градоначалникот дека тие бројки што ги презентираше, бидејќи тој регистар не го правеше владата, не го правев јас, туку го правеше општината и градоначалникот, дека таа е таа бројка, вели Адеми.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...