Адеми: Дијаспората мора да се идентификува со државата, а не со партија

215

Доволно ни беа 27 години поделби. Дијаспората мора да се идентификува со државата, а не со партијата што беше случај во изминатите единаесет години кога беа злоупотребени и искористени за политички цели.

Ова денеска го истакна министерот без ресор задолжен за дијаспора Едмонд Адеми на промоцијата на трите нови проекти на Агенцијата за иселеништво: Прирачник за иселеници, Сликовница за изучување на мајчин јазик и веб-страница.

Тој нагласи дека е многу важна улогата на Агенцијата за иселеништво и оти процесот на соработка со нив мора и ќе продолжи и во иднина, особено сега кога, како што рече, Република Македонија се враќа на голема врата на меѓународен план преку членството во НАТО, почнување на преговорите со ЕУ и одличната регионална соработка.

– Нејзината иднина, стабилност и развој е загарантирана, а со тоа и местото и улогата на иселеништвото во овие процеси – рече Адеми.

Министерот Адеми информира дека Прирачникот за иселениците од земјата е кратко и јасно четиво кое ќе им помогне да се запознаат со своите права и обврски во матичната земја и ќе стави крај на можностите за лутање во прибирање информации поврзани со нивните права.

– Сликовницата на изучување мајчин јазик дава можност на многу креативен, лесен и забавен начин децата на иселениците од земјата да се запознаат и да го научат јазикот на нивните родители и предци – рече Адеми. Додаде дека Владата се грижи за новите генерации кои се родени надвор од Македонија, овозможувајќи да се зајакне знаењето и учењето на мајчиниот јазик.

Според него, новата ребрендирана и подобрена веб-страница станува вистински прозорец кон матичната земја за иселениците од Македонија. Изрази уверување дека иселениците не се заборавени и оти има кој да води грижа за нив.

Директорот на Агенцијата за иселеништво Никола Шалваринов изјави дека според нивните податоци се губи интересот и знаењето кон мајчиниот јазик. Преку оваа сликовница, како што рече, се обидуваме да го намалиме тој момент.

Тој информира дека во изработката на Прирачникот за иселеници имале помош од повеќе институции: МВР, МНР, Управата за водење на матичните книги, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување…

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...