Судењето за уривањето на „Космос“, комплекс на инвеститорот Фијат Цаноски се очекува да продолжи утре со нов судечки совет, откако судија поротник поднесе оставка минатиот месец, но неизвесно е дали тоа ќе се одржува само со читање на досега изведените материјални докази, како што претходно ѝ препорача судијата на одбраната, или со повторно сослушување сведоци, „бомби“, вештаци…
Судскиот процес кој по две годни почнува од почеток го води судијата Огнен Ставрев, а застапник на обвинението е Бурим Рустеми од ОЈО Куманово.
Бранителите на обвинетите во „ТНТ“, поранешниот министер за транспор и врски Миле Јанакиески и на поранешниот градоначалник на Гази Баба Тони Трајковски велат дека во интерес на правдата, но и на новиот судија поротник кој треба да одлучува за судбината на осомничените, е тој да се запознае со сите материјали, а не само со читање да се прелета доказната постапка.
Адвокатот Јовица Страшевски, бранител на обвинетиот поранешен градоначалник Трајковски, за Плусинфо напоменува дека овој судски процес го следат многу незаконитости почнувајќи од тоа што потписник на обвинението е поранешната специјална обвинителка Катица Јанева која беше разрешена поради незаконско, нестручно и несовесно работење. Оттаму, вели Страшевски, би било добро, судењето за „ТНТ“ да не се обременува со нови „силувања на правдата“ и да му се дозволи на новиот судечки совет целосно да се запознае со предметот и со доказите кои од непознати причини преходно биле редуцирани, настрана што тој доставил и дополнителни материјали.
– Обвинителот има доставено повеќе од 500 материјали како докази, од кои биле одбрани само стотина, а останатите поминале само со читање. Не знам како можело од 500 докази да се изведуваат само 100. Во една постапка нема доказ кој е помалку важен за тоа да помине само со читање на записник – вели Страшевски.
Судијата Ставрев пак, на едно од рочиштата ја повика одбраната во интерес на, како што рече, целисходноста на постапката, да се премине само на читање на досегашните материјали за да не се одолговлекува судењето.
Адвокатот Страшевски, е категоричен дека „ТНТ“ не го одолговлекува и не го урива одбраната, туку судбината на овој судски процес кој после две години повторно е вратен на почеток поради пропусти во изборот на поротници што е вина на судот, ќе ја запечати случајот „Рекет“ и разрешената поранешна обвинителка Катица Јанева, за која и Советот на обвинители потврди дека работела незаконски и несовесно.
Тој вели дека случајот „Рекет“ и „ТНТ“ се поврзани, бидејќи се сомнева дека бизнисменот Ардијан Амзоски му платил 250 илјади евра на Боки 13, осомничен во „Рекет“, за Јанева да му го повлече обвинението во „ТНТ“ за рушењето на „Космос“, каде што Амзоски бил инвеститор.
– Јанева која е потписник на обвинението во случајот „ТНТ“ е разрешена поради незаконско, несовесно и нестручно работење, настрана што во текот на судскиот процес „Рекет“ имаше сведочења на обвинителот Рустеми, како и на обвинителката Лиле Стефанова дека Јанева вршела притисоци врз обвинителите на СЈО. На ова ако се додадат и претходните искази и сознанија дека Јанева го повлекла обвинението против Амзоски, а тој уплатил 250.000 евра на сметката на Меѓународниот сојуз на Боки 13, тогаш е јасно дека незаконското, нестручно и несовесно работење на Јанева, го уриваа „ТНТ“, a не одбраната – вели Страшевски.
И поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески кога ја даваше својата одбрана на едно од рочиштата го спомна и случајот „Рекет“, алудирајќи на бизнисменот Ардијан Амзоски, со тврдење дека овој бизнисмен на Боки 13 му дал 750.000 евра.
– На Боки 13 му дал не 250.000, туку 750.000 евра – рече Јанакиески и додаде дека за ова може да посведочи второобвинетата во случајот „Рекет“, поранешната специјална обвинителка Катица Јанева која сака, како што рече, да ја повика во дополнителна доказна постапка.
Адвокатот Страшевски, потсетува и на последното сведочење во „Рекет“ на обвинителот Рустеми околу замрзнување на имотите на бизнисмените Главчев и Димитровски и смета дека ваквите искази фрлаат дамка и врз обвинението во „ТНТ“, сервирано од Јанева. Рустеми на судењето рече дека за еден стан кој бил сопственост на Главчев, тогашната специјална обвинителка Катица Јанева побарала да не биде замрзнат бидејќи бил продаден на нејзина пријателка.
– Одбраната е најлесно да ја обвините, но ако ѝ се погледне на вистината во очи тогаш е јасно дека случајот „ТНТ“ тие сами го уриваат со сите незаконитости во постапката. Прво тоа го направи Иван Џолев, претседателот на судот при изборот на поротници со наполнети 60 години, а потоа и сите други случувања во судскиот процес против Јанева – додава Страшевски.
За уривањето на „Космос“ првообвинет е поранешниот премиер Никола Груевски кој доби азил во Унгарија, откако побегна од земјава. На обвинителна клупа се и поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиевски и поранешниот градоначалник Тони Трајковски, како и неколкумина вработени во општината Гази Баба. Тие се гонат за злоупотреба на службена должност поради уривањето на објектот „Космос“ на бизнисменот и поранешен лидер на политичката партија ПЕИ Фијат Цаноски, кој во тоа време, ја напушти коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ.