Адвокатот на Сашо Мијалков, Антонио Апостолски, вели дека според Законот за кривична постапка, лицето на кое му се одредува притвор прво треба да даде исказ во судот, а потоа да му биде определен притвор.
Поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) синоќа беше спроведен од хотелот „Мериот“ во центарот на Скопје во затворот во Шуто Оризари, а неговите адвокати најавија дека ќе го искористат правото на жалба.
– Денес го примивме решението, во текот на денешниот ден ќе поднесеме жалба. Законот за кривична постапка наведува дека секое лице мора да биде повикано и сослушано и после неговата изјава да биде донесено решение за притвор – изјави Апостолски.
Екс шефот на тајната полиција денеска требаше да биде во Кривичниот суд во Скопје на рочиште за масовното прислушување во предметот „Таргет-Тврдина“, но поради краткиот временски период не беше спроведен. Неговот притвор е одреден токму за овој предмет, а причината е опасноста од бегство.
Тој е третиот функционер од поранешната владејачка гарнитура кој завршува во притвор по бегството на експремиерот Никола Груевски. Пред една недела во Шутка завршија поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и екс генералниот секретар на Владата во времето на Никола Груевски, Кирил Божиновски. Тогаш СЈО наведе дека и тие на ист начин како и Груевски планирале бегство.