Непријатна сцена се случи. Она што се случува и псоледните 40-50 дена односно откако е притворен. Почна да повраќа и колабираше, не беше контактибилен одредено време. Сега дојде Брза помош и однесен е во која болница, рече адвокатот Сашо Дуковски, кој му е бранител на Бојан Јовановски – Боки 13, првоосомничен во „Рекет“.
Боки 13 со носилка беше изнесен од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција набргу откако таму беше донесен од затворот во Шутка за да даде исказ.
Неговиот адвокат рече дека кога тој дошол, Јовановки веќе масивно повраќал во купатилото и потсети дека веќе има мислење од Клиниката за торакална хирургија дека му е неопходна хоспитализација поради целокупната здравствена состојба.
– Непријатни сцени се тоа, обвинителството како и јас не сме лекари, но она што го видовме не беше пријатно. Секој заслужува право на живот, тоа е уставно загарантирано. Јас сметам дека на секого треба да се даде адекватна медицинска нега независно дали и што сторил. Кривична или било каква постапка е една работа, правото на живот или здравје е друга работа. Не случајно е сега итно однесен во болница и не случајно досега најмалку 20 пати бил на субспецијалистички преглед и има мислење дека е неопходна хоспитализација – изјави Дуковски.
Боки 13 за здравствената состојба се жалеше и минатата недела на јавна седница во Апелација од каде бараше да му се укине притворот.
– Јас во оваа кривична постапка сум потребен жив, а не мртов – рече тогаш осомничениот.
Тој кажа дека поради лекарски грешки при операцијата на желудникот неговата здравствена состојба е животнозагрозувачка. Имено, имал скинат нерв и погрешно врзување на тенкото црево со желудникот, како и други дијагнози, меѓу кои и проблеми со бубрезите.