Адвокатот Дангов ќе добие казна за неприсуство на „Титаник2“

Адвокатот Димитар Дангов, кој го брани обвинетиот Сашо Срцев, денеска не се појави во судницата каде што се одвива рочиштето за „Титаник2“.

501

Половина час пауза даде судијата на денешното рочиште за предметот „Титаник2“ откако во судот не се појави адвокатот Димитар Дангов, кој го брани обвинетиот Сашо Срцев.

Беше објаснето дека адвокатот е на друго рочиште каде што брани  обвинет за крвавиот честврток.

Судијата побара Срцев да се договори да го застапува некој од адвокатите на Сашо Мијалков, но адвокатот Љупчо Шврговски рече дека приоритет има притворскиот предмет во предметот за крвавиот четврток.

Судијата Огнен Ставрев пред тоа рече дека судењето е закажано пред повеќе од 1 месец и ова однесување на адвокатот е несериозно и заради тоа ќе го казни Дангов.

Обвинителката Фатиме Фетаи пак изрично рече дека нема да дозволат да се одложи судењето заради оваа причина. Таа рече дека СЈО има разбирање за семејните прилики на обвинетиот Срцев, но дека адвокатот цел месец знаел дека има рочиште и во двата предмети и дека требало навремено да обезбеди замена.

Во предметот „Титаник 2“ на СЈО за изборни нерегуларности обвинети се ексдиректорот на УКБ, Сашо Мијалков, Мендух Тачи од ДПА, потоа Субхи Јакупи, Бедредин Ибраими, Сашо Срцев, Анета Стефановска и Влатко Сајковски, поранешни членови на Државната изборна комисија. Мијалков е обвинет за кривичното дело примање награда за противзаконито влијание, а другите за злоупотреба на службената положба и овластување.

И за овој случај снимките од прислушуваните разговори можат да се користат како докази во судската постапка. Дел од овие снимки беа објавени и од нив може да се слушне раговор меѓу Мијалков и Тачи како договараат како да гласа членот на ДПА во ДИК, Бедредин Ибраими, за некои приговори за локалните избори во 2013 година.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...