Адвокатот Јовица Страшевски, бранител на поранешниот градоначалник на Општина Гази Баба, Тони Трајковски, во случајот ТНТ кој деновиве ѝ го крева притисокот на судската фела, а почна да ја бранува и јавноста со својата преписка со првите луѓе на Судскиот совет и на Основниот кривичен суд, а се поради поротничката на која во декември пред Нова година ѝ истече мандатот што повлекува случајот за уривањето на „Космос“ да почне од почеток, пред две години ја проба својата среќа и на политичката арена.
Страшевски во декември 2017 година се обиде да бие битка со тогашните кандидати Христијан Мицкоски и Филип Петровски за тронот на ВМРО – ДПМНЕ, кога оваа партија бираше наследник на Никола Груевски во Валандово.
Откако заврши кампањата за партиски лидер, непосредно пред конгресот Страшевски кој е ѝ поранешен директор на Агенцијата за безбедност во железничкиот сообраќај пред седиште на ВМРО-ДПМНЕ, обзнани дека успеал да собере доволно потписи од делегатите за да се кандидира за нов лидер на партијата, но дека, се откажал од таа своја намера за да не се случи раскол и ситнење на гласовите.
Во тој период партијата беше под силен притисок на товарот од незадоволството поради внатрепартиското функционирање, а беше поттикната и иницијатива за одложување на конгресот, поддржана од истакнати членови на ВМРО – ДПМНЕ , а за која, тогаш адвокатот отворено кажа дека не ја поддржува.
– Јас собрав 33 потписи како моја кандидатура за претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Со оглед дека се покренува една иницијатива која за мене не е добра, не води кон добро во партијата, води кон раскол на партијата, јас кажав дека е доста од се и повикав на обединување. Доколку сите кандидати излезеа и се пријавија на овој конгрес, гласовите ќе беа разделени и расцепкани и секој имавме подеднакви шанси – изјави Страшевски непосредно пред конгресот на кој за лидер беше избран Христијан Мицкоски.