Адвокатот бара ново полномошно од Груевски, па да има судење за белата палата

885

Во Основниот кривичен суд во Скопје утрово започна судењето за предметот Талир 2 кој се однесува на изградбата на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.

Обвинението за случајот го покрена СЈО, но по преземањето на предметите, случајот заврши во ОЈО Скопје, а како надлежен обвинител е назначена Ленче Ристоска, која по прекинот на мандатот во СЈО беше распределена во скопското обвинителство.

Обвинети во овој случај за злоупотреба на службената положба се експремиерот Никола Груевски, кој е во азил во Унгарија, и поранешниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски.

Префрлањето на предметот од СЈО во ОЈО Скопје беше причина адвокатите уште на почетокот да побараат да се одложи судењето на кое треба да се дадат воведни зборови.
Адвокатот на Никола Груевски, Дончо Наков, рече дека полномошното кое тој го има од неговиот клиент се однесува за предмет на СЈО кој се води под друг број во обвинителството, во кој има специјални докази и специјална надлежност, па побара прво да добие согласност од Груевски дали може да го застапува сега кога предметот е префрлен во скопското обвинителство и е заведен под нов број.

– Спецификацијата на даденото полномошно и моите овластувања да постапувам пред СЈО бараат да го известам мојот клиент да биде запознаен со денес настанатите промени за тоа кое обвинителство постапува и да го известам судот дека по ова дело и по овој предмет јас морам да побарам согласност за да го застапувам. Тоа полномошно кое го имам е за предмет на СЈО – рече Наков.

Одбраната исто така приговараше и оти скопското обвинителство е ненадлежно да го води овој случај затоа што на сила е се уште законот за СЈО.

Ристоска, пак, реплицираше дека полномошното кое го има адвокатот се однесува до правосилно завршување на постапката и оти станува збор за истиот предмет.

– Дека станува збор за ист предмет произлегува и од содржината на овластувањето во кој е наведен бројот под кои е поднесено обвинението. По однос на наводите дека ОЈО Скопје е ненадлежно, одбраната го занемарува фактот дека согласно Законот за СЈО дава можност предмет кој е во надлежност на СЈО да биде преземен и по него да постапува Јавното обвинителство – рече обвинителката.

За барањата и приговорите на двете страни, судечкиот совет треба да се изјасни, а одлуката ќе ја соопшти по паузата која е во тек.

Обвинетите во овој случај, Никола Груевски и Кирил Божиновски се товарат дека овозможиле правното лице ДГ Бетон АД Скопје да го изгради седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, иако истата фирма во исто време имала склучено договори за јавни набавки со државни органи и јавни установи или претпријатија. Тоа според обвинитителството, е спротивно на Законот за политички партии, Законот за финансирање на политички партии и Законот за облигациони односи.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...