Адвокатка во „27 април“: Началникот Пешов е обвинет без докази, а никој од одговорните не се во судница

93
ФОТО: EPA/GEORGI LICOVSKI

Со цитат од насловот од една драма „Очи широко затворени” адвокатката на обвинетиот Митко Пешов, Павлина Зефиќ, ги започна завршните зборови во Кривичен каде се одржува рочиштето за предметот за насилството во Собранието на РМ познат како 27 април.

Зефиќ рече дека Пешов како началник на Одделението за специјални полициски сили се товари дека не  издал наредба за евакуација на пратениците и дека не повикал поголемо полициско обезбедување.

Според адвокатката, круцијален сведок кој е во корист на обвинетиот е поранешниот министер за внатрешни работи Агим Нухиу, кој во тој момент на случувањата, во неговото сведочење истакнал дека се слушнал телефонски со обвинетиот и дека токму по тие разговори се докажува дека Пешов нема никаква кривична одговорност.

Адвокатката рече дека, за жал, никој од одговорните за настаните од 27 април денеска не се во судница и не се обвинети туку, како што рече, тука е Пешов кој без никаков доказ е обвинет. Таа се осврна на исказите на повеќе сведоци кои, според неа, сите се во корист на обвинетиот. Меѓу нив се и сведочењата на полицаецот со сребрена команда за кој адвокатката смета дека не се потрудил да дознае за случувањата во Собранието.

Зефиќ во говорот за дискредитација на тој сведок рече дека токму тој требало да даде наредба за дополнителни полициски сили, а истата одговорност ја имал и сведокот со бронзената команда.

На минатото рочиште завршни зборови повеќе од три часа даваше бранителот на Митко Чавков, адвокатот Сашко Дуковски. За изнесување на завршни збориви остануваат адвокатите на останатите 16 обвинети во овој случај, по што можност да дадат завршни зборови ќе имаат и сите 17 обвинети.

Судскиот процес започна во август минатата година и го води Добрила Кацарска, а застапник на обвинението е Вилма Русковска. Процесот започна против 33 обвинети, но согласно Законот за амнестија помилувани беа вкупно 15 лица.

Обвинителката Вилма Рускоска, во завршни зборови, рече дека на судот не треба да влијае тоа што некој се соочува со 10 години затвор, а друг за истото е амнестиран и дека треба само да влијаат фактите што ги видовме во судницата.

ФОТО: EPA/GEORGI LICOVSKI

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...