Адвокатите на Јанева не коментираат за тоа каде се парите

Решението дека е завршена истрагата Јанева и адвокатите ќе го добијат утре, а потоа ќе се обидат да ја извадат Јанева од Шутка.

940

Катица Јанева денеска не дала исказ во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, таа ќе го искористи правото да направи увид во доказите, а потоа ќе даде исказ, најавија нејзините адвокати Ирена Фрчкоска и Дељо Кадиев.

Адвокатката Фрчкоска смета дека е погрешно тоа што поранешната специјална обвинителка не дала исказ пред да се заврши истрагата за неа и дека тоа е повреда на нејзините права.

– Сметаме дека е погрешно. Обвинителството е должно да ја сослуша пред да ја заврши истрагата – рече Фрчкоска.

Решението дека е завршена истрагата Јанева и адвокатите ќе го добијат утре, а потоа ќе се обидат да ја извадат Јанева од Шутка.

Како што посочи Кадиев, со завршување на истрагата сега отпаѓа можноста за влијание врз сведоци, со разрешувањето неодамна отпадна и ставката за повторување на делото, па сега останува само опасноста од бегство. Во вакви околности, тие повторно со гаранција во имот ќе бараат поблага мерка за ексобвинителката.

– Со завршување на истрагата отпаѓа точката два која што значи влијание врз доказите, така што ќе се створи можност за притворот да остане само под точка 1 што подразбира бегство или ќе се отвори можност за нудење гаранција за да биде пуштена да се брани од слобода со гаранција – рече Кадиев.

Иако не можеа да потврдат додека да го добијат решението, адвокатите од досегашните информации сметаат дека истрагата за „Рекет“ е завршена само во делот за случајот „Империја“, односно за парите од Орце Камчев. Делот за Меѓународниот сојуз на Бојан Јовановски не е завршен, но Фрчкоска нема информација дека Јанева е вклучена и во тој дел. Адвокатите рекоа дека сега не можат да коментираат во однос на прашањето каде се парите.

Фрчкоска рече дека денеска немале прилика да разговараат со Јанева за нејзиното барање пари од црниот фонд на СЈО.

На прашањето зошто на Јанева ѝ се потребни двајца адвокати – Фрчкоска и Кадиев рекоа дека тоа е честа пракса.

Во однос на здравствената состојба на Јанева адвокатата Фрчкоска рече дека таа сега е добро.

– Таа пати од хронични болести, се наоѓа под еден голем стрес, притисок што е веројатно нормално за секој човек на нејзино место – додаде Фрчкоска.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...