На денешното рочиште за предметот „Титаник“, обвинетите требаше во судницата да слушаат повеќе од 1.000 „бомби“ како дел од доказната постапка.
На почетокот на главната расправа, еден од шесте адвокати на Груевски, Еленко Миланов, рече дека „бомбите“ не се доказ кој е предаден до судот во оригинал, туку биле преснимувани. Тој го побара и записникот за предавање на бомбите од СДСМ на СЈО за периодот од 2008 до 2015 година.
Во „Титаник“ обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски и поранешните функционери на ВМРО-ДПМНЕ Мартин Протуѓер, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска. Тие се обвинети од СЈО за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања во 2012 година.