Адвокатскиот тим на експремиерот Никола Груевски го откажаа полномошното за неговото застапување и во предметот „Титаник“ на СЈО, откако претходно истото го направија и во „Насилство во Центар“.
Груевски отсега ќе го застапува адвокат по службена должност. Откажувањето на полномошното денеска го соопшти судијата Осман Шабани на почетокот на рочиштето за вој предмет.
Обвинителката од СЈО Лиле Стефановска на денешното судење рече дека со одбраната е согласна доказите да се прикажуваат на екран, а да се читаат само редните броеви под кои се поднесени.
Обвинителката рече дека првата група докази се однесува на злосторничко здружување и дејствија преземени во 2011 година. Појасни дека станува збор за злоупотреба на средства за политичка кампања. Беа изведени фактури од фирмите „ДВД ПЕТ“, „Трансмет“. „Секјуриком мултисервис интернационал“, „Полијестердеј“, одземени при претрес во 2017 година, а се однесуваат на периодот 2011-2015 година.
Во „Титаник“, покрај Никола Груевски, обвинети се и Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.
Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за за финансирање изборна кампања.
ФОТО: EPA/GEORGI LICOVSKI